22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

САД воведоа огромни царини, ова е најсилниот удар за кинеските автомобили досега

САД ги зголемуваат царините за електричните возила од Кина од 25 на 100 отсто, објави денеска Белата куќа по серијата остри мерки со кои администрацијата на Џо Бајден се обидува да го ограничи увозот од таа земја.

Новите тарифи ќе важат не само за електричните возила туку и за батериите и соларните панели, полуспроводниците, пристанишните кранови и некои медицински производи, како што се заштитните маски.

„Денешното соопштение е одраз на посветеноста на претседателот Џо Бајден да се грижи за американските работници. Кога ќе се соочиме со непочитување на правилата за конкуренција и нелојални практики од странство, претседателот ќе искористи сѐ што има на располагање за да ги заштити американските работници и индустријата“, се додава во соопштението на Белата куќа.

Белата куќа вели дека мерките се неопходни затоа што Кина ги преплавува светските пазари со вештачки создаден евтин извоз, а Бајден реагира и покрај напорите за стабилизирање на односите со Пекинг, рече Лаел Брејнард, директорка на Националниот економски совет.

Илон Маск, извршен директор на компанијата за електрични автомобили „Тесла“, исто така постојано предупредуваше дека кинеските производители имаат неправедна предност.

Според американската влада, овие мерки ќе влијаат на извозот од Кина, кој изнесува 18 милијарди долари. Треба да се очекува дека Пекинг ќе возврати со одмазднички мерки.

Одлуките се резултат на четиригодишната ревизија на постојните царини што поранешниот претседател Доналд Трамп ги воведе во неговата трговска војна против Кина./Извор:Makfax