26.8 C
Скопје
19. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Хаос во Грузија: физичка пресметка во парламентот пред гласањето на законот за странските агенти

Физичка пресметка се случи денеска во грузискиот парламент за време на пленарната седница пред почетокот на гласањето на законот за странските агенти кога членовите на парламентарното мнозинство физички го нападнаа пратеникот од опозицијата Леван Кабеишвили кога тој изјави дека власта ја продава Грузија на Русија.

Седницата продолжи и по конфликтот, пренесува „Интерфакс“. Правната комисија на Собранието вчера го усвои предлог-законот без учество на опозицијата, а во близина на зградата беа уапсени 20 демонстранти, кои протестираа против законот.

Парламентот на Грузија на 1 мај во второ читање го усвои предлог-законот за транспарентност на странско влијание, со кој се предвидува организациите што добиваат повеќе од 20 проценти од средствата од странство да бидат регистрирани како застапници за странски интереси.

Од ваквиот закон минатата година се откажаа поради масовни протести, но во април годинава владејачката партија Грузиски сон предложи речиси идентичен закон, така што со промената, наместо да се користи терминот „застапник за странски интереси“, да се употребува терминот „организација што работи за странски интереси“.

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Тирк, претходно ја повика Грузија да го повлече овој нацрт-закон од процедурата, а претставниците на Европската Унија предупредија дека неговото усвојување ќе биде сериозна пречка Грузија да стане членка на ЕУ. Грузиското Министерство за надворешни работи на 2 мај потврди дека премиерот Иракли Кобахидзе одбил да ги посети САД откога американската страна поставила услов да ги прекине дискусиите за нацрт-законот./Извор:Makfax