23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Што во случај на изборни нерегуларности – пријавете, каде ако не во ЦИВИЛ?

Процесот на гласање е постапка со која секој полнолетен граѓанин го остварува своето уставно загарантирано право на слободен избор на непосредни избори во кои избира пратеници во Собранието, за Претседател на Републиката и  на локални избори советници и градоначалници.

Процесот на гласање е таен, а тајноста на гласањето е неприкосновена и заштитена со закон. Заштитата на избирачкото право е уредена во Изборниот законик, а органите за спроведување на изборите се должни на секој граѓанин со право на глас да му овозможат да гласа.

Денот на гласање, во изборните процеси во Македонија, како по некое непишано правило секогаш е проследен со низа изборни нерегуларности. Претседателските избори на 24 април беа проследени со недостиг на печат во избирачко место, неисправна техничка опрема за идентификација, фотографирање гласачки ливчиња, како и „бугарски воз“ или полнење гласачки кутии, што се смета за сериозен изборен прекршок.

Што во случај на изборни нерегуларности?

Еден од честите изборни нерегуларности е неможноста избирачот да гласа. Најчесто тоа се случува затоа што ги нема во Избирачкиот список или како што покажа искуството од претседателските избори на 24 април, поголем проблем овој пат може да биде техничката опрема за идентификација на гласачите.

Во Изборниот законик се вели дека доколку техничката опрема не може да најде совпаѓање на отпечатоците, а избирачкиот одбор може да го утврди личниот идентитет на гласачот преку важечка лична карта или важечки пасош и ќе утврди дека нема претходно гласано преку потписите во избирачкиот список, во тој случај гласачот ќе биде внесен во техничката опрема со пребарување преку нејзиниот/ неговиот единствен матичен број (ЕМБГ) и ќе му се земе отпечаток од прст со цел заштита на избирачкото право.

Сепак, постои можност, како во два случаи во Куманово на денот на гласање за претседател, да не може да се обезбеди техничка опрема како замена за таа што воопшто не работи, па гласачкото место да се затвори и воопшто да нема гласање во него, освен во случај ако вкупниот број на запишани избирачи на тие избирачки места на ниво на изборна единица, град, односно општина влијае врз вкупните резултати.

Во овој случај Изборниот законик не предвидува начин како избирачите да си го остварат своето право на глас.

Сепак, од било кои причини ако избирачот не може да го оствари своето право на глас, пред сѐ, Избирачкиот одбор, на барање на избирачот, треба да пополни образец во два примероци, претходно усвоен од ДИК, во кој ќе ги наведе и образложи причините, и еден примерок треба да му даде на избирачот. Избирачкиот одбор треба да го упати гласачот во Општинската изборна комисија.

Секој гласач има право да поднесе до Општинската изборна комисија: приговор за заштита на личното избирачко право во постапка на спроведување на гласањето, а ОИК е должна на секој гласач што ќе се обрати во ОИК со намера да поднесе приговор да му издаде формулар на кој ќе го поднесе приговорот, потоа и приговор поради повреда на личното избирачко право во секоја фаза од изборниот процес, кој секој избирач може да го достави до ДИК непосредно или преку ОИК, во рок од 12 часа.

Пријавување изборни нерегуларности: Каде, ако не во ЦИВИЛ?

Сите граѓанки и граѓани се повикани да пријавуваат нерегуларности на веб страницата СЛОБОДНИ ИЗБОРИ, во порака на Фејсбук страницата на организацијата или на телефоните 02/520 91 76 или 071 712 799, како и на мејлот monitoring.civil@gmail.com.

Доколку забележите изборни нерегеуларности, веднаш известете ги членовите на Избирачкиот одбор во вашето избирачко место, Општинската изборна комисија, Државната изборна комисија, а во некои случаи и припадниците на МВР кои го обезбедуваат изборниот процес.

Освен тоа, можете да ги информирате и набљудувачите на ЦИВИЛ кои ќе бидат присутни на гласачките места.

Секоја политичка партија има право на свој претставник на избирачките места што го мониторираат процесот на гласање. Доколку опцијата за пријава на нерегуларност е набљудувач, тогаш најдобро е да пријавите кај домашните набљудувачи, претставници на граѓански организации или на некоја од меѓународните набљудувачи мисии.

Извор: Civilmedia.mk