27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче им вети на поддржувачите: СДСМ нема да ве изневери, но сега е потребна вашата поддршка

„Како иден пратеник ви ветувам дека ќе останам овде за вас достапен и со слух за секој проблем. Никогаш повеќе СДСМ нема да биде салонска партија, туку партија која живее и работи меѓу граѓаните, меѓу членовите“, пред струмичани го истакна др. Венко Филипче, кој како носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина вечерва се обрати на централниот митинг во Струмица.

Филипче истакна дека во изминатите 20 дена се сретнал со многу нови луѓе, запознал и верни членови на СДСМ и вистински социјалдемократи, но и луѓе разочарани од политиките на партијата. Кон нив Филипче упати директна порака:
„Пред сите нив, а сега и пред вас исправено стојам и кажувам: СДСМ нема да ве изневери. Не можеме да си дозволиме да молчиме, не можеме да си дозволиме да останеме дома. СДСМ ќе се промени. Но, не можеме да одиме напред без вашата поддршка, ниту Македонија може да оди напред без силен СДСМ. Ве повикувам да им се спротивставите на оние кои се обидуваат да нè потценат и уценуваат. Да им се спротивставиме на оние кои сакаат да нè поделат и кумуваат со нашите противници. Никогаш не се откажавме од основните постулати на социјалдемократијата, мирот, слободата, еднаквоста и грижата за секој“, рече Филипче.

Филипче повика на обединување и мобилизација:
„Да не дозволиме поделба, да избереме единство. Ова е време да покажеме дека срцето на оваа партија чука силно, а тоа срце е секој од вас. Не можеме да одиме напред без вашата поддршка, ниту Македонија може да оди напред без силен СДСМ“, рече Филипче.

Тој додаде и дека не било лесно да се донесат визионерски одлуки со кои се решаваат проблемите за овие и за многу следни генерации и потенцираше дека ова е суштинската разлика помеѓу она што го нуди СДСМ и она што го нуди ВМРО-ДПМНЕ.

Тој повика на единство во партијата и мобилизација за поддршката за СДСМ, која како што вели, нема да ги изневери граѓаните бидејќи не се работи за победа на избори туку обезбедување на иднината што сите ја заслужуваат.

„Ова е суштинската разлика помеѓу она што го нудиме ние и она што го нуди ВМРО-ДПМНЕ. Ние играме со отворени карти. Вие знаете каде сме, каде одиме и што сакаме да постигнеме. Нема скриени агенди, нема завиени и лажни одговори. ВМРО-ДПМНЕ игра со скриени карти. Тие се како оние продавачи кои ви продаваат производ во темна, затворена кутија во која не се гледа производот. Ви велат, може да ја отворите само после изборите, само откако ќе платите со вашиот глас. А кога некој ви продава производ што не може да го видите, бидете сигурни дека со тој производ нешто не е во ред“, потенцира Филипче.