Во интервју за Слободен печат, претседателот на Цивил Џабир Дерала, посочи дека само од почетокот на оваа година, оваа организација има регистрирано и архивирано повеќе од 3.000 различни облици на злоупотреба на јавната комуникација преку социјалните мрежи и медиумите, вклучително и мејнстрим медиумите, телевизиите и националниот сервис, .
„Се забележуваат низа сериозни прекршувања: говор на омраза, дезинформации, лажни наративи, националистички пропагандни и антизападни наративи. кога велам антизападни тоа се оние наративи кои се спротивни од македонските национални интереси и македонската државна ориентација. Се работи за наративи кои всушност и пречат на Македонија да оди понатаму во евроатланските интеграции“, рече Дерала.
Дерала додаде дека се забележува и еден многу силен бран од руска пропаганда која доаѓа или директно преку медиумите и социјалните мрежи, меѓутоа и преку други ентитети: верски заедници, граѓански организации, па дури и бизнисот.
„Тие канали се отворени и преку политичките партии и други политички групи. и граѓански иницијативи кои под превезот на „човекови права“, или некаква гордост или некакви национални или идентитетски прашања тие всушност служат како антени, односно канали за антизападна проруска пропаганда. Тие доаѓаат и преку прокси канали. Србија е еден од тие канали преку кој има бранови на пропагандни наративи кои доаѓаат од Москва“, истакна Дерала.
Спорд Дерала дел на граѓански организации влегуваат во валканата игра на руска пропаганда која е опасна и може да ги загрози нашите национални интереси и безбедноста на земјава.
„Многу е интересно што бележиме дека одредени политички партии, преку медиумите, социјалните мрежи а од неодамна и преку граѓански „тинк-тенк“ организации, излегуваат со негирање на тоа дека постои било какво руско влијание во земјата. И тоа да не беше драматично за развојот на настаните во оваа кревка реалност во која се наоѓаме, тоа ќе беше гротескно и смешно. Меѓутоа очигледно е дека одредени граѓански организации кои се платени од запад, од ЕУ, од други фондови во западните демократски земји всушност шират класична руска пропаганда и им служат на партиските интереси на одредени партии. Тоа е она „Ѓаволот, првата работа што ја прави е да ве убеди дека не постои“. Токму тоа се случува во овој дел. За жал дел граѓански организации влегуваат во оваа валкана игра која е опасна и може да ги загрози националните интереси и безбедноста и стабилноста на земјавата.