4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ГРОМ, Интегра и ПЦЕР се здружија: коалицијата „Храбро за Македонија“ нема да поддржи уставни промени ниту пред ниту по изборите

Политичките партии Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) денес се здружија во коалиција „Храбро за Македонија“ за парламентарните избори. Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, откако ја потпиша коалицијата најави дека трите партии заедно ќе се борат против политиките кои и политичарите подготвени да предадат се само за да останат на власт, но и против оние спремни се да предадат но после изборите.

„Оваа коалиција се формира јасно да каже дека ниту притисоци, ниту уцени ниту уставни промени ќе поддржиме ниту пред ниту по избори. Остануваме цврсто на ставот за разрешување на оние проблеми кои вештачки ни се наметнуваат од страна на нашите партнери“, рече Јакимовски.

Клучно за коалицирање по изборите, Јакимовски вели дека ќе биде неменување на Уставот, но и реформи во образованието, здравството, воспоставување квалитетна економска политика е неменување на Уставот, подигање на нивото на социјална заштита за оние кои имаат функционална неспособност и реформа на државната администрација во која нема да биде дозволено некој да седи дома, а да зема плата.

Лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски, вели дека во текот на кампањата ќе имаат иновативни мерки и инструменти.

„Имаме големи амбиции. Имаме моќни стратегии и политики и ќе имаме иновативни мерки и инструменти на политиките, ќе изненадиме многумина. Очекуваме народот да не препознае, да ни ја даде довербата, да поддржи вакво коалициско форматирање во новиот трет пат и едноставно да го прекинеме тој тренд на назадување на татковината сиве овие 32 години“, рече Ристовски.

Една од главните заложби на коалицијата лидерот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, рече дека ќе биде заложбата да се почитуваат изгласаните закони кои сега извршителите не ги почитуваат.

„Оваа коалиција ќе поддржи почитување законот за извршување што не се почитува сега. Владее едно олигархиско беззаконие на извршителите. Сметам дека оваа коалиција ќе даде поттик она што е донесено во законодавниот дом, потпишано од претседател, објавено во Службен весник да се почитува како закон и да се реализира. Стоиме зад тоа дека извршниот закон мора да се почитува оти и Уставниот суд потврди дека законот е добар и треба да се почитува“, рече Ибраимовски.

Коалицијата „Храбро за Македонија“ денес ги претстави и носителите на листи. Носител во изборната единица еден ќе биде д-р Добрила Андоновска, специјалист за пластична хирургија, во изборна единица два носител на листата е професор д-р Љупчо Ристевски, во изборна единица 3 е Јордан Николов, доктор по ветеринарна медицина, во четвртата изборна единица носител е менаџерката Ружица Николова, во петтата изборна единица изборна петка носител е Самка Ибраимовски, економист и во шестата изборна единица носител на листата на коалицијата е електротехничарот од Гостивар, Зоран Софревски.