24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Секој од законите за стратешките инвестиции има јасно наведени придобивки за државата

Одговарајќи на прашање околу стратешките инвестиции претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за Слободен печат истакна дека тие се потребни на државата затоа што она што сега недостасува е дополнителна базна енегрија што сега се добива од РЕК Битола и РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино.

Според Ковачевски во секој од законите поврзани со стратешките инвестиции има соодветна деловна студија каде се наведени придобивките што државата би ги имала од тие инвестиции.

„Транзициско гориво во иднина ќе биде природниот гас и затоа ние инвестиравме во комплетно поврзување на гасоводната мрежа од Жидилово, од границата со Бугарија до Битола и сега РЕК Битола може да размислува за префрлање на производство на струја од гас наместо од јаглен и веќе имаме потпишано меморандум за соработка со Генерал електрик од САД. Во однос на стратешките инвестиции, секогаш постои избор дали нешто да направите сам или во соработка со инвеститори, сите држави се борат за да привлечат странски инвеститори, бидејќи така државата не се задолжува, второ доаѓаат нови технологии. Сите стратешки инвестиции се со големи корпорации кои се докажани во своето работење, се работи за француска корпорација, за грчка, има една буграска која има сопствеништво во Велика Британија. Сето тоа овозможува производство на електрична енегрија што ние во моментов ја немаме и сега она што ние го правиме во моменти кога немаме електрична енергија е таа да ја увеземе а тоа негативно влијае на БДП. Овие закони за стратешки инвестиции треба добро да се анализираат, секој од нив има своја деловна студија, каде јасно се наведува кои се придобивките за Македонија, колку приходи ќе одат во буџетот, колку електрилна енергија и по која цена ќе биде обезбедена“ посочи Ковачевски, додавајќи дека критиките за гарантираната цена за откуп на струјата не се во ред, затоа што во законите јасно е наведена гарантирана цена која во годините пред нас ќе биде поевтина од берзанската цена.