15.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Трпение за родителите, децата што се комплетно вакцинирани, најверојатно, од понеделник ќе тргнат во градинка, појасни директорката на ДСЗИ

Директораката на ДСЗИ, Рената Младеновска, рече дека детските градинки, предучилишните установи, како приватните така и државните, соработуваат со Инспекторатот и го почитуваат решението што им е издадено сè со цел да се запознаат родителите со ситуацијатa.

Од извршените контроли, како што објасни, досега нема констатирано никакви недостатоци.

„Одговорните лица во самите градинки си ги конторлираат и ажурираат податоците од вакциналниот статус на секое едно дете, се почитува мерката, задоволни сме од начинот како се спроведуваат вонредните надзори. Го добивме записникот од Комисијата за заразни болести. На координација и со претседателот на Комисијата и со министерот за здравство се договоривме дека ќе ми биде доставена новата одлука сè со цел од понеделник да почнат да се примаат деца што ја имаат комплетирано вакцинацијата од трите дози дитепер. Се надевам дека ќе ја добиеме денеска и в понеделник тие деца ќе може да се примаат во детските градинки“, изјави Младеновска.

На прашањето кој потфрли во целата ситуација и зошто се дозволи толку време да се провлекуваат невакцинирани деца во градинките, таа одговори дека надлежностите на Инспекторатот се во согласност со сите списоци што до нив ги испраќаат вакциналните пунктови.

„Ние имаме надлежност да ги повикуваме родителите на порамнување или казнување ако родителот не се сложи да го вакцинира детето. Засилени се и тие контроли. Но, и детските градинки треба да имаат одговорно лице како и досега. Сега сме со засилени контроли на тие списоци. Мислам дека ќе излеземе од оваа ситуација затоа што гледам дека оваа недела имаме одлична соработка. Трпение за родителите, ќе мора да ја решиме оваа состојба затоа што не е во ред да враќаме заразни болести, веќе сме 21 век. Децата што се во внатрешноста, едноставно родителите се одговорни и го почитуваат редовниот календар за имунизација и редовно се вакцинирани, очигледно е дека проблемот е во Скопје и мислам дека овие епидемии ќе нè освестат дека треба да се вакцинираат сите деца за да не ги враќаме заразните болести“, нагласи Младеновска.