5. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Рушење на оваа преговарачка рамка значи Македонија да се врати 10 години назад и отворање на веќе затворените прашања

На тоа дали е возможно да се промени преговарачката рамка, првиот вицепремиер на владата на РСМ, Бојан Маричиќ на ТВ 21, се осврна на времето кога ВМРО-ДПМНЕ ги убедувала граѓаните дека може да ги смени правилата на НАТО, за да Северна Македонија стане членка на НАТО, без волјата на Грција. Како и дека ќе го испратела бугарскиот премиер на кафе за да влеземе во ЕУ без Бугарија. Притоа тој ги нарече „скапи заблуди“, ваквите изјави на ВМРО-ДПМНЕ, кој граѓаните ги плаќаат скапо на крај.

„Реалноста е дека ние имаме преговарачка рамка, која тешко сме ја испреговарале и во едни тешки услови и во време на француското претседателство сме добиле еден конкретен предлог. Не велам дека е идеален, ниту дека сме биле воодушевени од него, дека ЕУ била целосно фер кон нас. Точно е дека нашиот пат кон ЕУ е еден од најтрнливите ретко која држава во нашиот регион поминала толку тежок пат, но вистинското прашање е која е нашата реална алтернатива. Дали ние сметаме дека постои друга алтернатива со која ние сами можеме да ги решиме нашите проблеми, исклучиво без помош и без рамката на ЕУ, или дека имаме други подобри опции. Ако веруваме во ЕУ, треба да веруваме како механизам за промени, како нешто што ќе ни донесе реформи кои не можат да се вратат назад. И сега со Планот за раст и со преговарачката рамка, имаме зацртани чекори кои мора да ги направиме во наредните седум години,“ рече Маричиќ.

Тој посочи дека преговарачката рамка не може да се менува затоа што се согласиле 27 држави членки и нејзината промена би била почнување од почеток со преговори за преговарачка рамка, и сите прашања кои се веќе решени, како прашањето за македонскиот јазик, ќе бидат повторно отворени.

„Во моментот никој не го спори македонскиот јазик, и ЕК ангажира и преведувачи, кога одиме впо Брисел го користиме. Дали сме подготвени пак да преговараме за македонскиот јазик? Дали Мицковски е подготвен? Или можеби во Букурешт сега кога разговараа со Борисов, и со луѓето од Европската народна партија,можеби ветиле некому нешто? Можеби ветиле отстапки, можеби ќе прават.Но, јас ве уверувам дека подобра преговарачка рамка нема да добиеме, и влегувањето во тоа е многу опасно за нашата земја. Процесот на рушење на оваа преговарачка рамка значи Македонија да се врати 10 години назад,без никаква гаранција дека ќе добие нова преговарачка рамка, која ќе бид епо наша мерка,“ порача Маричиќ.