24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Facebook
БИЗНИС

Деспотовски: Да ги платиме нашите луѓе повеќе за да останат дома, а не да увезуваме странци

Справувањето со недостигот на работна сила на Западниот Балкан бара рационален и храбар пристап. Треба прво да видиме што може да се направи во регионот со постоечките ресурси, а не да одиме во потрага по работна сила. Потребено ни е преструктурирање на економијата, инвестирање во технологија и индустрии кои носат поголема додадена вредност и подобро платени работни места,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ на Балканскиот форум кој се одржува во Будимпешта. Деспотовски, на покана на Унгарскиот институт за надворешни работи, како главен говорник на панелот посветен на справувањето со недостаток на работна сила во Централна и Југоисточна Европа истакна дека за решавање на ова актуелно прашање многу е важно работите да се гледаат и анализираат преку квантитативен и структурен пристап за да се изнајдат ефективни решенија.

„Разликата во продуктивноста меѓу земјите во регионот, што е потврдено и преку статистиките за продуктивност и удел во БДП по глава на жител, отвора критични прашања во врска со ефикасноста на работната сила и секторската дистрибуција. Споредбата на продуктивноста на Словенија со Македонија, Србија и Албанија открива остри контрасти. И покрај сличната големини на населението, Словенија покажува значително повисоки нивоа на продуктивност. Овде се поставува прашањето зошто ист број луѓе во Словенија произведуваат 5 пати повеќе отколку во Македонија или зошто истото производство во Србија се генерира со 3,5 пати повеќе луѓе отколку во Словенија?, “ рече Деспотовски. Според него со оптимизација на сектори и трансфер на работници може да се случи потребната промена, како на пример со трансфер на работници од земјоделие, традиционалните ниско платени производствени дејности, како и од јавната администрација во сектори потребни на пазарот на работна сила.

Во справувањето со недостигот на работна сила, странските работници се појавуваат како брзо решение за ублажување на моменталните притисоци, смета Деспотовски, но според него од клучно значење е при ангажирање странска работна сила да се земат в предвид и културната компатибилност, владеењето на јазиците и приспособливоста заедно со техничките вештини.

„Концептот за слободно движење на работната сила во Македонија, Србија и Албанија во рамки на Отворен Балкан има добар потенцијал да ги раздвижи пазарите на работна сила и да поттикне економски раст. Дозволувајќи поголема синергија меѓу овие земји, можеме да ја забрзаме нивната заедничка развојна линија и да го затвориме јазот којшто го имаме во однос на понапредните економии. Со поттикнување на редефинирање на секторите, разумно прифаќање на странската работна сила и користење на регионалната соработка, можеме да го отвориме патот за одржлив економски раст и просперитет низ Западен Балкан,“ посочи Деспотовски.