23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Работни средби на Грковска во Брисел: Продолжува силната поддршка од европските институции за забрзан напредок на нашата земја

Со денешните средби со Ангелина Ајхорст, извршна директорка за Европа и Централна Азија при Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) и Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, се заокружи работната посета на Брисел на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Ајхорст на средбата истакна дека Северна Македонија има бројни пријатели во Брисел како никогаш порано и дека тие силно се залагаат за успех во нашиот евроинтегративен процес. Во таа насока, двете соговорнички се согласија дека е клучен напредокот во владеењето на правото, како и во разрешувањето на предмети поврзани со висока корупција. Во однос на претстојните избори, вицепремиерката Грковска истакна дека владата е посветена на организирање фер и правичен изборен процес, како показател за демократскиот напредок на земјата.

Грковска и Ајхорст се осврнаа и на ефектите од геополитичките случувања врз земјите од регионот, вклучително и на руската агресија врз Украина. Вицепремиерката ја истакна безрезервната поддршка на Северна Македонија за пријателска Украина, и изрази уверување дека таа ќе продолжи и покрај бројните предизвици произлезени од глобалните кризи.

Вицепремиерката Грковска попладнево одржа средба и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на која тој нагласи дека проширување на ЕУ ќе има и дека Северна Македонија не смее да ја испушти оваа шанса. На средбата беше потенцирано дека нема промена на преговарачката рамка, и во таа насока клучни се уставните измени, со кои ќе се надминат пречките за нашата земја во пристапниот процес.

На средбата со Мордју стана збор за Планот за раст за Западен Балкан, кој цели кон забрзување на реформските процеси во целиот регион. Во тој поглед вицепремиерката Грковска ги истакна активностите преку кои политиките на добро владеење се вградуваат во институциите, вклучувајќи ја и дигиталната трансформација на општеството, која овозможува воведување ефикасни алатки за борба со корупцијата и организираниот криминал.