15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Патот кон ЕУ гарантира демократски и економски развој, за борбата против корупцијата ни треба и поддршката на САД

„Македонија мора да остане на патот за членство кон ЕУ. Ова е најдобра опција, бидејќи само тој пат ни гарантира демократски и економски развој“, вели извршниот директор на ЕВРОТИНК, Димитар Николовски, во изјава за „Фронтлајн“.

– Македонија мора да остане на патот за членство кон ЕУ. Ова е најдобра опција, бидејќи само тој пат ни гарантира демократски и економски развој. Другите алтернативи се неповолни и не се во склат со националниот консензус кои го имаме донесено пред повеќе декади. Тој консензус моментално е загрозен, но не уникатен македонски феномен, затоа што во цела Европа гледаме замав на евроскептичните и популистичките струи, сепак не смеме да заборавиме дека за демократскиот развој европските интеграции се најважним, вели Николовски.

Тој подвлече дека, за борбата против корупцијата имаме докажано повеќе пати дека не може сами да се справиме, најмногу поради недостатокот на политичка волја кај политичките партии.

– Неопходна ни е помош од наште стратешки партнери. Поради тоа сметам дека подршката на ЕУ и САД за борба против корупцијата е од круцијална важност, нагласи тој.

Отворање на Уставот се потпира на низата усвоени официјални документи на ЕУ или директно поддржани од сите земји членки, и тоа попрецизно, тргнувајќи од точка 3 од Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија (17 јули 2022 г.), потоа точката 4 од Заклучоците на Советот на ЕУ (8 јули 2022 г.), како и во точка 11 од Воведната изјава на ЕУ од Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (9 јули 2022 г.), како и точка 15 од Воведната изјава на Северна Македонија од Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија (19 јули 2022 г.).

Отворената прва фаза од Меѓувладината конференција (9 јули 2022 г.) ќе биде заокружена со вториот состанок, откако ќе се усвојат и ќе влезат во сила договорените измени на Уставот.

Европската унија e најдобра опција за Македонија за над 70 проценти од граѓаните – покажа истражувањето на јавното мислење на Институт Преспа спроведено теренски на репрезентативен примерок од 762 испитаници во период од 23 ноември до 11 декември 2023 година. Процентот на граѓаните кои сметаат дека државата треба да бара друга алтернатива од европската изнесува 24 проценти.

Анкетата на Институ Преспа ја опфатила и партиската припадност на испитаниците, што покажало дека со 100 проценти поддршка за ЕУ се приврзаниците на Алтернатива и Демократско движење, по што следат Алијанса за Албанците и БЕСА со 96, ДУИ 94 и СДСМ со 90. Приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ се поделени и речиси секој втор е за ЕУ односно, 53 проценти од нив, а 60 проценти од ЗНАМ и 58,5 проценти од поддржувачите на Левица во ЕУ гледаат најдобра опција.

Истражувањето покажало дека од 39,8 проценти од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ кои иднина не гледаат во ЕУ – 33,5 % се за БРИКС. Истражувањето на јавното мислење на Институт Преспа покажа и дека ако се одржи референдум за членство во ЕУ би гласале 67,3 проценти од граѓаните.

Дестан Јонузи

Извор: Frontline.mk