Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2 076 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 44,08%, а 55,92% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 61,62%, кон Итната медицинска помош 29,89%, кон пожарникарите 1,11%, а кон АМСМ 2,58% од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Инаку, 1 046 повици за итни случаи на 112 во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реални“ повици 4,80% и на 55,92% именувани како „неитни повици“, биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно коордирнирање за нивно решавање. Тоа се остварува преку дежурните оперативци во Секторот Е-112 во содејство со Секторот за операции и координација (СОК) во ЦУК. За дел од повиците, секако, се постапува според стандардните оперативни процедури во координација паралелно и истовремено со повеќе ангажирани институциите и служби во Системот за управување со кризи (СУК), согласно природата на пријавените „реални“ итни случаи.
Дождот на територијата на државата и влажното време ги намалија условите за пожари на отворено и имаше само еден во последното деноноќие. Конретно, Регионалниот ЦУК Тетово, известува дека пожарникарите од ТППЕ Тетово деноноќие имале една помала интервенција за гаснење запалено ѓубре и пожарот не се проширил.
Инаку, вчера, на Единствениот повикувачки број за итни повици 112 во ЦУК во 14:20 часот беше пријавено дека туристка од Австрија при пад во слободно скијање кај месноста „Орлов камен“ на Попова Шапка се здобила со повреда на ребрата. Заради сериозноста на повредата, а и други здравствени специфичности, не била во можност да се движи. Повредената австијка информирала дека претходно имала операција на рбетниот столб и на него имала вградена метална шипка со штрафови. Побаран бил хеликоптер за спасување за транспорт до болница во 15:28 часот, при што директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, беше во директна комуникација со спасителите, а во 16:30 часот повреденото лице беше успешно транспортирано до Државна болница Скопје.


