„Вечерва не носиме само формална одлука за изборот за нашиот претседателски кандидат. Исто како што за две недели, повторни ние, нема да носиме само формална одлука за нашите кандидати за парламентарните избори и за изборната програма. Ние вечер носиме крупна одлука, да продолжиме по зацртаниот пат, по автопатот на прогресот, по стратешките цели на Партијата и државата. Носиме одлука на кој начин, со кого, ќе се бориме, сите заедно, за да државата остане стабилна, одржлива, прогресивна“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на 27. конгрес на партијата.
Тој додаде дека речиси на сите избори, како во нашата држава така и во Европа, постоеле тврдења и ставови кои на еден или друг начин посочувале дека социјалдемократијата нема иднина, дека е дојдено некое друго време во кое социјалдемократските вредностите не се вредностите кои ги делат и посакуваат граѓаните.
„Но, за жал, се сретнавме со пандемија, а потоа и со војна не така далеку од нас, се сретнавме и живееме во економска и енергетска криза и одеднаш, сфативме дека не само што социјалдемократијата и нејзините вредности се живи, туку се и неопходни за државата и граѓаните. Социјалдемократските политики беа оние кои помогнаа земјата да се справи со сите предизвици кои ги донесоа овие кризи. Социјалдемократијата и СДСМ беа оние кои ги заштитија граѓаните, кои буквално ја спасија земјата од колапс“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека покажале дека социјалдемократијата е повеќе од идеологија, туку е единствен начин како општеството и државата да се подобрат и обезбедат прогрес и просперитет.


