Интердисциплинарниот уметник Филип Јовановски во интервју за Слободен печат меѓу останатите тему, говореше и за неговиот настап на последниот Млад отворен театар што се одржа минатата година.
Тој се осврна и на неговата соработка со Архитектонскиот факултет и Факултетот за драмски уметности и работата со студентите од овие факултети.
„На минатогодишното издание на МОТ, практично претставивме голем дел од она што го работевме за Прашкото квадринале, кадешто темата ни беше градот како сцена. Практично, преку сценски алатки идејата ни беше да го трансформираме градот како сцена и да креираме едно искуство кај граѓанинот. На МОТ изложивме тридневна програма која се викаше „Приказна за шетачката“, каде што беше изложен главниот павиљон на Македонија од Прашкото квадринале, потоа студентска програма и архива од „Градот како сцена“ една голема изложба, од протестите за ГТЦ до објектот на Домче во Тафталиџе, нешто прилично комплексно. Но она што за мене е важно е дека низ тој процес на работа, особено на МОТ, работевме директно со студенти од ФДУ и од Архитектура и тоа се обидувам да го применам во пракса, затоа што од минатиот семестар, како експерт од пракса предавам Сценографија на ФДУ, а од оваа година сум ангажиран како стручен соработник на Архитектонски факултет и идејата е оваа интердисциплинарна пракса да стане официјален дел од едукативниот процес“ рече Јовановски.