25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Забрзаното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е еднакво важно и за Брисел и за нашиот регион

Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, од лидерскиот самит на Западен Балкан за планот за раст во Тирана изјави дека уште еднаш било потврдено дека забрзаното проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е еднакво важно и за Брисел и за нашиот регион.

„Затоа ЕУ го создаде планот за раст за земјите од Западен Балкан. Целта е јасна – забрзан пристап, со што секој ден сè повеќе ќе стануваме суштински дел од единствениот пазар на ЕУ. Тоа значи поголема мобилност, особено за компаниите и за младите. Посилни, секојдневни и суштински врски со државите членки на ЕУ. Тоа значи повеќе европски фондови, но и јасни, строги и прецизни правила, кои спречуваат корупција на сите нивоа“, рече Маричиќ.

Како што рече Маричиќ, договорени се неколку конкретни мерки.

„Учество во единствената платежна зона на ЕУ, позната како СЕПА, што значи олеснето и поевтино плаќање производи и услуги меѓу ЕУ и Западен Балкан. Oва е особено важно за нашата дијаспора, која редовно праќа средства дома. Мерката ќе се спроведе до крајот на годината.

Друга конкретна мерка се зелените ленти на граничните премини за возила што носат производи од Западен Балкан. Целта е да се намали времето на чекање, а да се зголеми трговијата, а со тоа и економскиот развој.

Следна мерка е вај-фај за Западен Балкан, кој ќе овозможи бесплатен интернет-пристап за граѓаните во јавните простори и објекти во 500 општини од целиот регион на Западен Балкан. Оваа обврска ја презедовме исто така до крајот на годинава, со финансиска помош од ЕУ.

Мерката за пристап до европската мрежа на центрите за дигитални иновации ќе овозможи забрзана дигитална транзиција на малите и средните претпријатија, стартапите и јавниот сектор во земјите од Западен Балкан.

Конечно, последната мерка е вклучувањето на нашата фармацевтска индустрија и граѓанското општество во системот за обезбедување неопходни лекови на Европската Унија“, изјави Маричиќ.

До 2028 можеме да ги затвориме поглавјата од преговорите, секако, по завршувањето на уставните измени. А тоа ќе значи наше полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година, додаде тој.