Ги олеснавме условите за работа на сите транспортни компании, овозможивме повеќе дозволи за меѓународниот транспорт и тоа што во овој момент е најважно за сите транспортери и превозници кои поседуваат сертификати за професионални возачи им овозможуваме по приоритет да можат да ги заменат патните документи, презентираше министерот Бочварски на регионалната средба во Струмица со претставници на транспортните компании од Југоисточниот регион.
Министерот Бочварски истакна дека мерките што ги реализира министерството во патниот транспорт се во корелација на барањата на здруженијата и асоцијациите на транспортери и превозници на Република Северна Македонија.
Во однос на дозволите, министерот потенцираше дека Министерството за транспорт и врски навреме ги замени сите потребни документи што им се потребни на транспортерите за непречено одвивање на меѓународниот транспорт.
“ Оваа година имаме за 20 % повеќе дозволи за транспортерите и драго ми е што транспортната дејност расте и се развива. Имаме зголемување на транспортните дозволи со Германија, Србија, Бугарија, со Италија и со други земји. Исто така имаме зголемување од 1440 на 1680 на ЦЕМТ дозволите за оваа година и тоа што е најважно ниту една транспортна компанија не останала без дозвола. Имаме релативно развиен транспортен сектор и како Министерство ги следиме потребите на транспртерите. Во следниот период со здруженијата започнуваме со работа за промена на Уредбата за распределба на меѓународните дозволи. Тоа што во моментов исто така е многу важно е листите на транспортери и превозници со важечки сертификати се доставени до МВР и очекувам за десетина дена да започне постапката за издавање на нивните патни документи како што договоривме претходно,“ изјави министерот Благој Бочварски.
На средбата се отворија и прашањата за промена на Уредбата за распределба на меѓународните дозволи кои секоја година се достапни во се поголем број.
“ Очекуваме на денешната средба да има предлози од транспортерите во делот на промена на уредбата. Исто така ќе побараме поддршка од Mинистерот за промена на Уредбата за дневниците за возачите. Дополнително ќе побараме и пролонгирање на примена на член 14 од измените на законот за ДДВ”, изјави Сања Милошевска, претставник од Макам Транс.
“ На овие средби ги слушаме барањата на транспортерите и нивните реални потреби, бидејќи за силна економија ни е потребен силен транспорт. Ги повикуваме сите возачи со истечени патни документи да се пријават за да можат по таканаречената брза лента да ги заменат истечените”, изјави Оливера Миовска од Бест Мобилити.
На средбата беа присутни и претставници од Секторот за патен сообраќај при Министерството за транспорт и врски како и претставници од Управата за јавни приходи и од Царинската управа.