23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Таа приказна е завршена, рече Џафери за хашките случаи

Премиерот Талат Џафери не сакаше да ја коментира препораката од Советот на Европа за отповикување на Законот за амнестијата од 2011 и процесирање на четирите хашки случаи.

„Тоа е завршена работа во контекст на она што е законодавство и состојбата во државата“, рече Џафери и додаде дека законите се донесени.

Пред десетина дена, во писмо до македонската влада, комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, побара да се поништи амнестијата за хашките случаи и да се истражат досиејата што беа трансферирани од Хашкиот трибунал кон домашните судови.

Во писмото Мијатовиќ наведе дека без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество.

Станува збор за случаите „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“ кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестијата од 2002 година одлучија да престане кривичното гонење на одговорните.

Минатата недела и лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, повика постапката за овие предмети да продолжи.