„Излегуваме во пресрет на барањето на земјоделците, со законски измени ситемски го урдеуваме користењето на земјоделското земјиште во државна сопственост“, вели Лолита Ристова од СДСМ.
„Закупците на кои им истекол договорот за закуп а имаат поднесено барање за продолжување на договорот и склучување на нов договор не можат да го користат поради периодот на изборите. Доколку не се направат овие измени земјоделците може да добијат прекршочна санкција и имаат пречки во остварувањето на финансиска поддршка за тие површини. Со измените сега предлагаме да можат непречено да го користат земјиштето до собирање на тековната реколта, но не подолго од 1 година. На овој начин отстрануваме една правна празнина. Со ова решение овозможуваме секогаш земјоделец кој сака да го продолжи договорот за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост површините кои ги користи да му останат запишани во регистарот се до завршување на постапката по барањето.“, додава Ристова.
Како што додава, така нема да има пречки да се остварат финансиска поддршка и за тие површини.
„Итноста од донесување на предложениот закон е во тоа што во периодот што следи треба да бидат продолжени неколку стотини договори за закуп поради истек на времетраењето на договорите. Но, поради ограничувањата од Изборниот законик во период на распишани избори, сите овие лица ќе бидат лишени од можноста да добијат финансиска поддршка согласно програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2024 година. Со предложената преодна одредба во членот 3 од предложениот Закон се наметнува обврска за МЗШВ по службена должност за сите оние закупци на кои им е истечен договорот за закуп и ќе им истечат во следните 6 месеци а имаат поднесено барање за продолжување на договорот по кои барања сеуште постапката не е завршена, да ги врати избришаните површини во Единствениот регистар на земјоделски стопанства на име на овие закупци. Така ќе им се овозможи да можат да поднесат барање за финансиска поддршка согласно програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2024 година и истата да ја добијат согласно можноста која ја овозможи Владата со измената на Уредбата за директни плаќања донесена на 13.02.2024 година“, посочува Ристова.
Очекува поддршка од сите пратеници за овие измени.