5.8 C
Скопје
4. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЦУК: Трета жртва во пожар за едно деноноќие

Регионалниот ЦУК Штип известува дека има една жртва и при пожар на штала во селото Оџалија во општина Карбинци.

„По добиената информација за пожар на единствениот повикувачки број 112 во ЦУК за запалена штала околу пладне и интервенцијата на пожарникарите, добиено е известување дека едно лице настрадало при тој пожар во село Оџалија во општина Карбинци. Настраданиот бил пронајден внатре во шталата, каде што најверојатно првин се задушил од чадот, а потоа и изгорел во пожарот до степен на непрепознатливост на идентитет и возраст“, извести ЦУК.

На терен биле излезени пожарникарите на Територијалната противпожарна едница Штип и припадници на МВР од СВР Штип, од кои веста е потврдена за ЦУК, а истрагата е во тек. Двете служби, субјекти во Системот за управување со кризи, се излезени на самото место и вршат увид за причините на настанатиот пожар, а според стандардните оперативни процедури, секако и доктори од Итната медицинска служба и јавен обвинител ќе бидат вклучени во истрагата до конечниот извештај за оваа трагедија.

Инаку, од почетокот на ова деноноќие ова е трето лице што настрадало од пожар.

ЦУК рано утрово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце пронашле настрадано повозрасно лице при гаснењето пожар на отворено сношти при интервенција од 20.30 до 00.10 часот во атарот на село Псача. Потоа имаше второ известување за настрадано лице при услови на пожар кога пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Македонска Каменица денеска во периодот од 7.20 до 10.35 часот интервенирале на пожар на запалена куќа во село Косевица во месноста Реката.

Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, превентивно да се внимава на причините за пожар во куќи, станови и објекти и при евентуална појава на пожар што побргу да се пријавува на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.