24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Единството на ромската заедница фундамент за политички промени

Единството на ромската заедница е фундаментално доколку се очекуваат реални политички промени и за заедницата и за државата. Силната позиција на Ромите значи и зајакната демократија и затоа велиме „Добро за Ромите, добро за Северна Македонија“. Ова е заклучокот на Селвија Мустафи Алкан, извршен директор на Фондацијата Роми за Македонија.

„Би сакала да ја најавам нашата прва кампања за изборен интегритет како еден од приоритетите за креирање фер и демократски избори во делот на политичка едукација и политичко учество (каде заедницата ќе може слободно и без притисок да гласа). Исто така ќе работиме во делот на изборно набљудувбање и во делот на продолжување на дијалогот со сите кои ќе се стремат кон подобрување на демократското учество на Ромите во општеството“, нагласи Мустафи Алкан.

Основачот на Фондацијата Ромите за демократија, Менсур Халити порача дека Ромите мора да одат напред и да градат широки коалиции.
„Најлесно е да ја обвиниме ЕУ и националните влади за нашата состојба. Од друга страна, најлесно би било на нас и на државата да се осудуваме меѓусебно за нашата состојба. Вистината е некаде на средина. И ние и државата треба да работиме подобро и поинаку за да живееме попросперитетно. Ние како фондација го направивме својот избор. Рековме дека без оглед на тоа што сега имаме повеќе непријатели отколку што сме имале пред 20 години, и имаме многу помалку пријатели кои заеднички ќе се борат со нас да ја промениме својата ситуација, ние мораме да одиме напред и да градиме пошироки коалиции, кроссектори, приватен и јавен сектор и меѓународна заедница како коалиција за промени за да може да ја осигураме нашата благосостојба“, изјави Халити.
Фатима Османовска, Претседател на Советот на општина Шуто Оризари, во својот говор потенцираше дека силни и успешни значи здружени. „Знаете што е тешко кон патот од слаб да станеш силен? Да веруваш во заложбата, да останеш посветен и истраен. Колку е тешко, толку е и предизвик. За сите нас поединечно, за сите нас како колектив. Силно верувам во силата на партнерството, единството, унитетот на политичкиот сектор, граѓанскиот сектор и граѓаните. Да бидеме толку силни колку што сме сега слаби“, порача Османовска.

Ромската заедница на европско, регионално и национално ниво од демографски и статистички аспект е заедница со најмладо население, кое гледано од политички и економски аспект претставува огромен потенцијал.

„Овој потенцијал кое е исклучително важен, посебно во денешен контекст на изразена миграција, за жал не е препознаен како таков, туку напротив е перципиран како проблем за кој најтешко се наоѓа решение. Доколку не се промени оваа перцепција и државата и нејзините институции ја занемарат потребата од поголеми инвестиции, посебно во областите образование и вработување, овој потенцијал нема да биде искористен и ставен во функција, а последиците ќе се одразат превенствено на државата, а потоа и на самата заедница“, рече Реџеп Али Чупи од Ромскиот Образовен Фонд (РЕФ).

Ќемал Сулејманов – национален лидер на граѓанското и политичкото движење Аваја, рече дека оваа година имаме многу значајни и важни парламентарни избори, кои треба да донесат промени на ромската политичка сцена, избори со кои ќе започне нова ера во политиката на Ромите – иновативна, стратешка и бескомпромисна и ќе креира стабилна политичка моќ на долгорочно ниво.

„Новата политика треба да се базира на заедништво и еднаквост, заедништво во кое ќе даваме приоритет на единството, поттикнување на стратешки соработки, посветеност на нашиот колективен напредок, наместо потценување, притисоци, манипулаци и политика на поделби, ќе практикуваме политика водена со моќта на нашите идеи за конкретни промени и наместо политика на лични интереси ќе практикуваме политика на колективни интереси, со цел демонстрирање нова ромска политика во Северна Македонија“, објасни Сулејманов.

Андријано Џеладин, главен уредник на Политички Контрапункт Подкаст, објасни дека овој настан претставува светилник за почеток на промените кои ќе бидат и во полза и на Ромите и на Северна Македонија. „Стремеж на Фондацијата Роми за демократија е да се поддржат најкредибилните и најкомпетентните лица од ромската заедница, не само во Северна Македонија туку и низ Европа“, потенцираше Џеладин.

Настанот заврши со концерт на Роми: Силата на природата“, покажувајќи ја трансформативната моќ на културната дипломатија. Концертот „Хармонизирање на нациите: Ромите – пулсот на единството на Западен Балкан” ја слави отпорноста на Ромите и нивната интегрална улога во обликување на европскиот наратив.