Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес во нејзиното интервју на Телевизија 24 ги појасни неточните информации кои изминатите 3 дена од почетокот на техничката Влада во делот на системот на социјална заштита кои произлегоа од посетата на кумановското семејство од страна на новиот технички министер.
„Не можете да избегате од факти и информации кои се достапни за сите, не можете да кажете дека социјалната реформа не е добра, а гледате дека системот за социјална заштита од 2019 година е флексибилен и токму во најголемите кризи ги апсорбира сите граѓани што се материјално необезбедени. Не можете да кажете дека семејството прима 8600 денари, а во системот во центрите може да се види дека прима 26.000 денари само од правата од системот за социјална заштита. Дополнително од овие средства, поради поголемиот број на дечиња кои се во образование, а согласно последниот пакет на мерки за финансиска поддршка, ова семејство прима 1200 денари месечно за секое дете“ рече Тренчевска.
Таа објасни дека гарантираната минимална помош, детскиот додаток и образовниот додаток се обезбедени токму од социјалната реформа и дека овие права се воведени во 2019 година. Тренчевска посочи дека образовниот додаток бил достапен за мал број на граѓани, а денес го добиваат сите деца кои се од социјално ранливи категории на граѓани.
„За едно лице социјалната помош изнесува 6000 денари. Пред социјалната реформа за едно лица изнесуваше 2000 денари. Додека за семејство со повеќе од 5 члена во времето кога беше на власт техничкиот министер изнесуваше 5000 денари а денес изнесува 16500 денари. Системот за социјална заштита ја следи инфлацијата.Изминатата година имавме покачување на правата од детска и социјална заштита за 14.2% додека оваа година во јануари имаше покачување од 9.3% “ изјави Тренчевска.
Тренчевска посочи дека не може да се критикува систем за кој немаат познавање за подобри решенија од овие. Истакнувајќи дека посебноста на системот се забележува со успешното спроведување на социјалните услуги. Таа посочи дека покрај тоа што се помага на 1500 лица со попреченост и возрасни и изнемоштени лица се влијае и на предизвикот со невработеноста на социјално ранливите категории на граѓани, затоа што истите се ангажираат во спроведување на услугите.