Денес се одбележуваат 125 години од раѓањето на еден од најозлогласените гангстери на сите времиња – Ал Капоне. Беше овековечен во холивудските филмови „Кум“, „Лице со лузна“ и „Недопирливите“.
Ал Капоне се прослави за време на својот живот во лудите дваесетти години на 20 век како коосновач и шеф на италијанско-американската мафија, група позната како Чикашкиот клан. Некои го опишуваат како Робин Худ затоа што донирал пари во добротворни цели. Тој се издвојуваше и од другите гангстери бидејќи беше многу присутен во јавноста, се шегуваше со новинарите и организира големи забави, на кои течеа реки алкохол, пишува „Дојче веле“, пренесува „Индекс“.
Како што е случајот со многу други гангстери од минатото, мислењата за овој немилосрден, но и харизматичен мафијаш, се поделени. Некои сè уште го почитуваат иако тој беше одговорен за криминална империја во Чикаго, која се засноваше на „коцкање, проституција, шверц, мито, трговија со дрога, грабежи и убиства“, се наведува на веб-страницата на американската Федерална полиција – ФБИ.
Кој беше Ал Капоне?
Алфонс Габриел Капоне, син на имигранти од Неапол, роден на 17 јануари 1899 година во Бруклин, Њујорк, на рана возраст дошол во контакт со организираниот криминал. Како тинејџер станал член на криминалната улична банда Пет точки, пред сè, со ирско-американско потекло. Изнудувале пари за заштита во истоимениот кварт на Менхетн, во срцето на Њујорк.
Младиот Капоне бргу дознал дека само насилството нема да му обезбеди траен успех. Кога кажал нешто навредливо за сестрата на гангстерот Френк Галусио, тој му го осакатил лицето со нож во кафеана. Имал 18 години кога го добил прекарот Лице со лузна. Галусио подоцна му стана телохранител на Капоне.
Набргу потоа Капоне го застрела првиот човек, се судри со ирските гангстери и претепа ирски мафијаш речиси до смрт со голи раце. Знаејќи дека не смее повторно да дозволи да биде фатен, побегнал од Њујорк во Чикаго.
На својот врв во тој град од 1925 до 1929 година Капоне важеше за најмоќниот мафијаш во САД. Сепак, тој не се гледал себеси како криминалец, туку како богат бизнисмен, кој бил познат и по својата дарежливост. Конзорциумот предводен од Капоне собрал огромно богатство од приходите што доаѓале од нелегалната продажба на алкохол, па сè до проституцијата.
Масакр на Денот на вљубените
ФБИ го опишува масакрот на Денот на вљубените на 14 февруари 1929 година како „кулминација на насилството во ерата на бандите во Чикаго“. Тој ден седум члена или соработници на мафијашкиот клан биле застрелани со автоматско оружје од ривали што се претставувале како полицајци. Иако Капоне во тоа време бил во својот дом на Флорида, се верувало дека тој го наредил масакрот.
Тој никогаш не бил осуден за убиствата, но на крајот отишол во затвор поради затајување данок. Така, на 33 години ја завршил кариерата како мафијашки бос. Казната ја издржал во озлогласениот затвор Алкатраз, кој се наоѓа на остров во близина на Сан Франциско. Тој бил ослободен во 1939 година поради ментална болест. Ал Капоне почина во 1947 година од срцев удар по мозочен удар на 48-годишна возраст.
Озлогласениот гангстер не само што остави белег на улиците на Чикаго во 20-тите туку и во Холивуд преку неколку филма за мафијата инспирирани од неговата приказна.
Претставата на типичен мафијаш од тоа време, во костум со пруги и малку навалена капа – доаѓа од Капоне. Неговиот акцент и манири исто така инспирираа многубројни гангстерски портрети во стрипови, филмови, популарна музика и литература.
Се појавува во криминалистичкиот роман на Марио Пуз, „Кум“ (1969), кој во 1972 година служеше како шаблон за истоимениот прославен филм на Френсис Форд Копола. Тој исто така беше инспирација за авторот Армитаж Трејл за романот „Лице со лузна“ (1929), кој беше адаптиран двапати во текот на годините.
Ремек-делото на Брајан де Палма ,„Недопирливите“, е уште една значајна драма инспирирана од приказната за Капоне. Роберт де Ниро глуми гангстер, а филмот е заснован на приказната за тоа како агентот на ФБИ, Елиот Нес, кој го игра Кевин Костнер, успеал да фати мафијаш од Чикаго.
Филмот „Капоне“ од 2020 година со Том Харди во главната улога исто така се занимава со животот на еден човек што владеел со криминалната империја.
Легендата за Ал Капоне сè уште живее бидејќи неговата животна приказна не е само олицетворение на американскиот сон – син на имигрант кој се издигнува од дното на општеството до богатите – туку ја отсликува и амбивалентноста на американската култура за време на прохибицијата. Ера што се карактеризира со пуританска воздржаност и неумереност во трошењето. А тие стари противречности сè уште се дел од културата на Соединетите Американски Држави.