Хутите, заедно со Хамас и Хезболах, се декларираат како дел од оската на отпор што Иран ја води против Израел, САД и поширокиот Запад.
Мирјана ВАСИЛЕВА
По актуелните воздушни напади на американските, британските сили, заедно со своите коолациони партнери врз цели на шиитската бунтовничка група Хути од Јемен, на Црвеното Море, во теснецот Баб ал-Мандеб, кој ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив, морскиот сообраќај повеќе не се одвива на сите видови пловила. Поради честите напади на проиранските јеменски сили на комерцијални бродови поврзани со Израел во областа на теснецот Баб ел-Мандеб некои од најголемите светски компании за транспорт со контејнери, како данската Маерск, престнаа да пловат во тоа море, а таква одлука донесоа и енергетски компании кои имаат свои танкери за нафта, предводени од британската мултинационална компанија БП (поранешен Бритиш Петролеум).
Ова беше и повод за американската интервенција, за да стави крај на повеќенеделните напади врз цивилните бродови и танкери , од страна на јеменските Хути откако овие инциденти што ескалираа ги зголемија тензиите на важната глобална поморска рута, низ која поминува близу 10 отсто од светската трговија, или стоки во вредност од речиси 1 трилион долари годишно.
Проблем за САД и Европа, но не и за Кина
Сите тие сега се принудени да пловат по старата поморска рута околу Западна Африка и Р,тот Добра Надеж на исток, како во ерата пред изградбата на Суецкиот канал во 1869 година, што го продолжува транспортот за дури 40 дена, што, секако, ги зголемува трошоците.
Поради прекини во пловидбата во Црвеното Море, последиците веќе ги чувствува европскиот енергетски сектор, кој по прекинот на соработката со Русија сега во голема мера зависи од нафтата од Блискиот Исток. Во исто време, Малезија, која го контролира стратешки важниот Малајски теснец низ кој минува најкратката бродска рута од Тихиот океан до Индискиот Океан и ја користат речиси сите бродови, минатата недела им забрани на бродовите на кој било начин поврзани со Израел да влезат во нејзините пристаништа, вклучувајќи бродови на водечка израелска компанија.
Нападите на Хутите започнаа откако започна конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври. Хутите изјавија дека го поддржуваат Хамас и рекоа дека ќе го таргетираат секој брод што патува кон Израел
Во воената кампања што ја предводи американската воздушна авијација беа погодени повеќе од 12 цели, вклучително и главниот град Сана и Ходеида, упориштето на пристаништето на Хутите на Црвеното Море. Мета беа логистички центри, системи за противвоздушна одбрана и магацини за оружје.
Последици за светската трговија
Во исчекување каков ќе биде исходот од оваа американска акција, економските експерти од германскиот институт, IfW Kiel, оценија дека последиците ќе ги почувствуваат сите во светската трговија.
Во декември, IfW Kiel забележа пад на извозот и увозот во Европската Унија за 2% и 3,1%, соодветно. Очекувано, САД забележаа пад од 1,5 отсто во извозот и 1 отсто во увозот, иако трговската рута на Црвеното Море е помалку важна за таа земја. Кинеската трговија го намали трендот, при што извозот е зголемен за 1,3%, а увозот за 3,1%. Институтот соопшти дека тоа е веројатно до претстојната кинеска нова година.
„Ова е проблем и за Европа и за Азија“, изјави за Euronews Џон Стауперт, виш менаџер за животна средина и трговија за Меѓународната комора за поморски работи. Тој истакна дека 40 отсто од азиско-европската трговија вообичаено се одвива по воден пат. „Ова има потенцијал за огромно економско влијание“, рече Џон Стауперт.
Меѓу економиите кои најверојатно ќе бидат најмногу погодени од трговските нарушувања ќе бидат Грција, Јордан, Шри Ланка и Бугарија, според Блумберг, цитирајќи аналитичари.
„Влијанието ќе биде подолго време на транзит, повеќе искористено гориво, потребни повеќе бродови, потенцијални прекини и доцнења – барем при првите пристигнувања во Европа“, рече Сајмон Хини, виш менаџер за трговија со бродови за Друри, консултантска компанија за поморско истражување. „Тоа води до повисоки трошоци за испорака, но мислам дека нема да ги достигне височините што ги достигна за време на пандемијата“, рече Хини.
Кои се Хутите?
Хутите се вооружена група од јеменското шиитско муслиманско малцинство. Тие беа именувани по основачот на движењето, Хусеин ал-Хути. Тие беа формирани во 1990-тите и се бореа против, како што веруваа, корупцијата на тогашниот претседател Али Абдула Салех.
Тој со поддршка на армијата на Саудиска Арабија се обиде да ги елиминира во 2003 година, но безуспешно. Хутите водат граѓанска војна против јеменската влада од 2014 година, поддржана од коалиција на арапски земји предводена од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Хутите, заедно со Хамас и Хезболах, се декларираат како дел од оската на отпор што Иран ја води против Израел, САД и поширокиот Запад.
Кој ги поддржува Хутите?
Моделот за бунтовничката група е шиитската вооружена група во Либан, Хезболах, која им обезбедува поддршка и обука од 2014 година. Нивниот сојузник е и Иран, со оглед на тоа што Саудиска Арабија им е заеднички непријател. Иран е осомничен дека ги снабдува Хутите со оружје и им обезбедува важни разузнавачки информации што им овозможуваат да напаѓаат бродови во Црвеното Море.
Иран, од друга страна, негира вмешаност во нападите на Црвеното Море. Хутите истрелаа балистички ракети и беспилотни летала кон Израел од почетокот на војната во Газа. Во случај Иран да ги снабдува со оружје, тоа би значело дека го прекршил ембаргото за оружје на ОН. Иран, се разбира, го негираше ова.
Колку од Јемен е под контрола на Хутите?
Официјалната влада на Јемен е Претседателскиот совет, на кој претседателот Абд Рабух Мансур Хади ги префрли своите овластувања во април 2022 година. Сепак, седиштето на владата е во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, откако Хади побегна таму во 2015 година.
Поголемиот дел од јеменското население живее во области под контрола на Хутите. Освен Сана и северен Јемен, Хутите го контролираат брегот на Црвеното Море. Групата во таа област собира даноци и печати пари. Советот за безбедност на ОН наведува дека до 2010 година Хутите имале меѓу 100.000 и 120.000 следбеници составени од вооружени војници и невооружени поддржувачи.
Извор: Racin.mk