Дивата депонија за која пред неколку дена пишуваше Фронтлајн, која се наоѓа околу контејнери на улицата Фрањо Клуз во општина Аеродром во Скопје, за една недела се прошири и надгради.
Сметот не само што не е отстранет од надлежните општински и градски власти, туку од ден на ден дивата депонија сè повеќе се проширува.
Станарите од зградите на улицата Фрањо Клуз, со кои контактираше Фронтлајн, се чудат како може во срцето на Аеродром да вирее ваква нехигиена што претставува опасност за здравјето на граѓаните, а уште повеќе и на учениците од основното училиште Блаже Коневски во чија близина е оваа дива депонија.
Како што може да се забележи од фотографиите, дивата депонија е зголемена со речиси двојно повеќе смет и надградена со градежен шут.
Во непосредна близина на депонијата се наоѓа спортското игралиште на кое играат деца од соседните згради и паркинг на кој секојдневно поминуваат многу граѓани.
Од Град Скопје и од Општина Аеродром, не одговараат на прашањето упатено од редакцијата на Фронтлајн, за тоа – Што преземаат за да се отстрани конкретната дива депонија?
ЈП Комунална хигиена – Скопје, утрово во соопштение се пофалија дека во текот на 2023 година отстраниле вкупно 10.617 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на целокупната територија на градот Скопје
„Екипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, во текот на 2023 година, подигнаа и транспортираа вкупно 159.196 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот. Притоа, направени се вкупно 26.139 тури. Во текот на минатата година, претпријатието отстрани вкупно 10.617 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на целокупната територија на градот Скопје“, соопштија утрово од ова претпријатие.
Оттаму соопштуваат дека „во согласност со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од ова подрачје, собирањето и транспортот на комуналниот отпад од речиси 5.000 надземни, подземни и полуподземни контејнери се реализираше седумпати во неделата, во три смени, додека приближно 85.000 канти, наменети за одлагање на комуналниот отпад од индивидуалните домаќинства, се празнеа двапати во неделата, според однапред утврден распоред по блокови, наведуваат од претпријатието“.
Во соопштението се додава дека екипите на претпријатието континуирано ја одржувале и хигиената на близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини, што се во надлежност на градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење.
Ј. Ѓорѓиоски
Извор и фото: Фронтлајн