23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ахмети: Курти се меша во внатрешните работи на Албанците во Северна Македонија

Премиерот на Косово, Аљбин Курти, се меша во внатрешните работи на Албанците во Северна Македонија, изјави лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, во емисија на албанската „Топ чанел“.

„Тој се меша во политичката сцена на Албанците. Еди Рама не се мешаше во внатрешните работи на политичкото тело во Македонија, се обиде да ги зближи партиите во Македонија, благодарен сум за ваквиот пристап. Јавната поддршката на Аљбин Курти за претседателскиот кандидат на албанската опозиција (Алијансата за Албанците и Алтернативата) во 2019 беше мешење во политичката сцена во Северна Македонија. Не сме изразиле патриотизам, ниту емотивност, се договоривме со Социјалдемократскиот сојуз и му дадовме поддршка на Стево Пендаровски за шеф на државата. Може да прават театар, еден вид игра, но знаеме дека на крајот нема победник3, рече Ахмети.

Тој во интервјуто вели дека не знае дали Самоопределување е регистрирана партија, но е запознат дека „интерес пројавиле многумина од меѓународната заедница“.

„Ова е демократија, ме ставија во многу тешка ситуација. Зошто Курти се жали кога Вучиќ има политичка активност на Косово? Како објаснувате? Ме оставија без зборови“, вели Ахмети.

Во однос на европската интеграција, тој оценува дека ако се изгласат уставните измени, Северна Македонија во рок од четири години ќе стане членка на Европската Унија.

Со одржувањето на првите меѓувладини конференции на Албанија и Северна Македонија со Брисел почнуваат промените внатре во овие земји во однос на инфраструктурата, животната средина, владеењето на правото и слично, оценува лидерот на ДУИ.

Иако со години е на чело на ДУИ, Ахмети изјави дека „неговата фигура не е зацементирана на чело на оваа политичка партија“.

„Не сум доживотно на чело на ДУИ. Но, јас не дојдов со сила во ДУИ, дојдов со даден слободен глас и со директен глас на граѓаните го добив и пратеничкиот мандат“, вели Ахмети.

На констатацијата на новинарот дека Курти е шармантен лик на албанскиот простор и на прашањето дали се грижи за изборниот резултат, Ахмети вели:

„Јас сум милитант на ова поле на дејствување, околностите се сменија, бев за обединување, што е најреален пристап, во политиката треба да се биде реален. Косово стана независно, сега треба да биде прифатено во националните организации бидејќи Албанија и Македонија влегоа во НАТО. Не барам ништо повеќе од стандардите што Европа ги постави – да се тргнат границите како во европските земји“, рече Ахмети.