27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Анкета на Преспа Институт: Се повеќе граѓани го препознаваат пријателството на ЕУ

Граѓаните на Република Северна Македонија и натаму ја сметаат Србија за најдобар пријател на државата, иако се забележува одредено намалување на бројот на граѓани кои го одговорила тоа, на сметка на се поголемиот раст на евро-оптимизмот, покажува последната анкета на Преспа Институтот.

Се повеќе граѓани ја препознаваат Европската Унија како пријател, придонесувач за демократски и економски развој и донатор и граѓните препознаваат дека членството во ЕУ е најдобрата опција за земјава.

Процентите на прашањата за тоа кој е најголем пријател на државава се враќаат на ниво од пред-пандемискиот период и пред бугарското вето на евроинтеграциите. 38,2 отсто од граѓаните сметаат дека Србија е најголемиот пријател, додека најголемиот пораст е кај ЕУ, од 5,1 отсто минатата година на 11,1 отсто оваа година.

Интересна е структурата на населението кое се одлучува за Србија и ЕУ. Имено, според анкетата на Преспа Институт, постарата генерација, над 55 години, 52,7 отсто ја смеаат Србија за најдобар пријател, но само 26,8 отсто од лицата помеѓу 18 и 34 години. Кај оваа група на граѓани поддршката за ЕУ е 21,8 отсто, речиси двојно повеќе од националниот просек.

Тоа е показател дека младите во земјава својата иднина ја гледаат во Европската Унија и дека политичарите и пратениците треба да ги направат потребните чекори за да може тие својата иднина да ја градат дома, а во земја членка на ЕУ.