23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ бара БЕСА и ДПМНЕ да ја повлечат одлуката за уривање на крстот

Интегрален текст од денешната прес-конференција на Фаница Николоска, пратеничка на СДСМ:

СДСМ бара од коалицијата БЕСА и ДПМНЕ во општина Тетово да ја повлечат одлуката за уривање на верското обележје на Попова Шапка.

Прво, затоа што на Попова Шапка станува збор за црковен имот и верско обележје (крст) во двор на манастир а не за објект.

Второ, затоа што било какви провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор, верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните.

Сите политички чинители, пред се коалициските партии БЕСА и ДПМНЕ во Советот на општина Тетово треба да работат за доброто на сите граѓани на Тетово.

За жал она што го гледаме е дека БЕСА и ДПМНЕ во Тетово со своите одлуки и сценарија сакаат да предизвикуваат штета на граѓаните, соживотот и меѓусебното разбирање.

Загрижува тоа што сите штетни одлуки на Касами во Тетово се поддржани од ДПМНЕ како коалициски партнер на БЕСА.

Најважното место во Општината после Градоначалникот во Тетово е Секретарот, оваа позиција ја извршува Дарко Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Се сомневаме дека ова е дел од договорено сценарио на ДПМНЕ и БЕСА во предизборието.

СДСМ заедно со граѓаните, со сите разумни и одговорни политички субјекти ќе направи се да не се дозволи сценаријата на БЕСА и ДПМНЕ во Тетово да успеат.

Граѓаните ги повикуваме на смиреност, да не подлегнуваат на провокациите на БЕСА и ДПМНЕ а институциите на будност и навремена реакција во рамки на надлежностите.

Во името на сите граѓани на Тетово, соживотот и меѓусебната толеранција и почитување бараме општина Тетово и градоначалникот Касами да се воздржат од било какви понатамошни дејствија а одлуката да биде повлечена.