26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

На пензионерка ѝ се слоши на врвот на Водно, пожарникари и доктор успеале да ја освестат, жената е хоспитализирана

Вчера, во Скопско, на пладне – во 12:22 часот на Единствениот број за итни повици Е-112 била добиена пријава за жена, пензионер, која изгубила свест при престој на врвот на планината Водно во правецот од Крстот кон Матка. Истата била дел од група на пензионери, коишто до врвот пристигнале од Средно Водно со жичницата, извести ЦУК.

За истото веднаш биле известени Итната медицинска помош, но тие со возилото не можеле да се искачат до врвот, поради мраз и снег на некои осојни места.

Како што соопштуваат од ЦУК, докторот од ИМП побарал помош од дежурните во Секторот за операции и координација на ЦУК, по што веднаш биле известени лицата од Спасителната станица на Црвениот Крст на Водно. Тие тргнале со возило, но и тие не можеле да го поминат критичното место, осој, каде што имало мраз на стрмниот пат, поради што едно лице од Спасителната станица тргнало да оди пешки кон врвот и ја лоцирал жената.

Во меѓувреме биле известени и пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, кои итно и додека траеле претходните дејства, дошле со теренско возило. Пожарникарите, заедно со докторот успеале да пристигнат до местото каде што била жената. Таа била прво освестена и иако веќе била свесна, била згрижена согласно медицинските и спасителни можни мерки во случајот и со жичница ја евакуирале, спуштиле, до Средно Водно, од каде со возилото на Итна медицинска помош е префрлена во Градската општа болница „8-ми Септември“, соопшти Центарот за управување со кризи.