15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Со системски решенија ставивме крај на неевидентираните лица во земјата, 526 личности добија изводи на родени

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан по повод доделување изводи на граѓани што се родиле на територијата на нашата држава, но не биле впишани во матичната евиденција и немаат изводи на родени.

„Денеска, ставивме крај на еден горлив тридецениски проблем што го имаа стотици граѓани што се родиле на територијата на нашата држава, но не биле впишани во матичната евиденција и немаат изводи на родени. Овие наши граѓани немаа документи за идентификација, не можеа да се лекуваат, ниту да се вработат, не може да склучат брак ниту, пак, може да го регулираат статусот на своите деца, едноставно ги немаше во системот на државата. Овие проблеми се веќе минато“, нагласи Ковачевски.

Со измените на Законот за матичната евиденција, како што рече, се решаваат животни прашања на многу граѓани.

„Токму тие законски измени и дополни го отворија патот за решавање на речиси 526 човечки судбини, од кои до сега извршен е упис во Матичната книга на родените на 409 лица. Другите 117 лица ќе се упишат до крајот на годината. По една деценија, им овозможивме да си го остварат правото на заштита на своето здравје преку свое здравствено осигурување, децата да посетуваат редовна настава и да добиваат свидетелства за завршено образование.

До сега, рече Ковачевски, овие луѓе беа надвор од пазарот на трудот, а сега им се овозможува вработување, да отвораат и да регистрираат свои сопствени фирми.

„Со нивното евидентирање во матичните книги им отворивме можност да ги користат сите бенефиции што им ги нудат Уставот и законите на Република Северна Македонија. Тие сега може легално да стапат во брак, а нивните потомци без никаков проблем да бидат заведени во Матичната книга на родените.
Ги охрабрувам граѓанските организации да помогнат и лицата неевидентирани во матична книга, доколку постојат и други што досега не се охрабриле да го сторат тоа, што е можно најбргу да се јават во матичните одделенија во местото во кое живеат и да ја почнат постапката за пријавување во матичните книги во согласност со амандманите во Законот за матичната евиденција.

Во согласност со овие амандмани во Законот за матичната евиденција и во согласност со можноста секој граѓанин што е роден кај нас да се впише во Матичната книга на родените и да ги ужива сите права во согласност со Уставот и законот. Со ова Република Северна Македонија е прва земја во Европа што ова го овозможува, без исклучок, на секој свој граѓанин“, потенцира премиерот.