25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Државниот завод за статистика долги години не функционираше од политички причини – за манипулација и заплашување

„После долги години на нефункционирање на Државниот завод за статистика, секако од политички причини, затоа што во нејасното, во темното, кога немаме не само точни, туку и воопшто немаме податоци, лесно е да се манипулира и заплашува и секако прикрива вистината и реалната состојба“ рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на настан на Државен завод за статистика за проекција на население.

Тој додаде дека со пописот спроведен во 2021 година, после 20 години, се покажа дека во 20 години, во времето помеѓу двата реализирани пописи 2002 до 2021 година, од земјава емигриле околу 200.000 наши граѓани или околу 9 отсто.

„Но делот кој најмногу загрижува се податоците за млади. Во 2002 година вкупниот број на млади на возраст од 15 до 29 години изнесувал 480.828 или 24% од вкупното население. Според податоците од 2021 година, бројката за оваа категорија изнесува 326.733 или 18% од вкупниот број на населението. Во рок од 20 години, бројот на млади на возраст од 15 до 29 години е намален за над 150.000 граѓани, или слободно може да кажеме дека оваа возрасна категорија се намалила за околу една третина“ рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека повеќе од сто илјади граѓани кои во 2002 година биле на возраст од 15 до 29 години, а денес би имале од 29 до 35 години не се во државата, односно не се евидентирани во последниот попис.

„Овој тренд се повторува и кај децата на возраст од 0 до 9 години, кои денес би имале 20 до 29 години, па така 16% од оваа група недостасува на последниот попис“ рече Битиќи.