28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Во Брисел денеска, самит ЕУ – Западен Балкан

Самитот Европска Унија – Западен Балкан, чиј фокус ќе биде натамошното зближување на двете страни, но и одредени спорни прашања, ќе се одржи денеска во Брисел.

Советот на ЕУ вчера објави дека главни теми на разговор ќе бидат продлабочувањето на политичкиот ангажман со Западен Балкан, приближувањето на партнерите од тој регион до Унијата и подобрувањето на нејзината постепена интеграција, градењето економски основи за иднината и ублажувањето на влијанието на руската војна на агресија против Украина, како и зајакнување на безбедноста и градење отпор.

Самитот, кој се одржува во пресрет на дводневниот состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ во Брисел, е можност да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата, како и потребата за одржливи и неповратни реформски достигнувања на шесторката од Западен Балкан, засновани на вредностите и принципите на Унијата, соопшти Советот на ЕУ.

Како што јави Српската радио-телевизија (РТС), главни теми на самитот ќе бидат нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, усогласеноста со надворешната политика на ЕУ и новиот план за економски раст на регионот, вреден шест милијарди евра.

Покрај лидерите на ЕУ и нејзините 27 земји членки, на самитот треба да присуствуваат и премиерите на Србија, Северна Македонија и Албанија, Ана Брнабиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателите на Црна Гора и Косово, Јаков Милатовиќ и Вјоса Османи и претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.

Се очекува на крајот од самитот лидерите да усвојат заедничка декларација со која треба да се потврди перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ и посветеноста на земјите од регионот на реформите и вредностите на Европската Унија.