Актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, ќе биде премиерот кој сто дена пред избори ќе ја предводи техничката влада.
Одлуката за тој да биде премиер ја донело Централното претседателство на Демократската унија за интеграции (ДУИ) на состанок одржан денеска (8 декември) во Тетово.
Актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими, пак, со одлука на партиското раководство, ќе биде шеф на изборниот штаб за изборите во 2024 година.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, соопшти и дека интегративците го овластиле лидерот Али Ахмети да ги продолжи разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарни избори.
Договорот сто дена пред избори да има премиер Албанец од ДУИ го постигнаа Али Ахмети и поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев заедно со договорот за коалицирање по парламентарните избори во 2020 година. Наследникот на Заев, Димитар Ковачевски, пак, досега неколку пати посочи дека ќе го почитува договореното.
Парламентарните избори следната година, според договорот на лидерската средба одржана на 4 декември, ќе се одржат на 8 мај. Истиот ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, откако првиот ќе се одржи на 24 април.
Ова значи дека техничката влада на чело со Џафери ќе стапи на должност на 28 јануари, а изборите ќе се распишат на 28 февруари.