Интегрален текст од прес-конференцијата на Мартин Костовски, пратеник на СДСМ:
СДСМ започна иницијатива за формирање на широк Европски фронт на сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството во ЕУ.
Европски фронт за подобар, достоинствен живот дома, со повисоки плати и пензии, повеќе пари за граѓаните, подобар животен стандард, подобро образование, здравство, социјална сигурност, владеење на право и унапредена демократија.
Европски фронт за европски стандарди и европски вредности.
Ги повикуваме сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, сите кои иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ да се приклучат во Европскиот фронт.
Подаваме рака на проевропските и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика.
Заеднички, врз основа на европски принципи и демократски вредности да го создадеме Европскиот фронт и да ја оствариме стратешката цел: членство во ЕУ до 2030 година.
Пред нашата земја и пред сите граѓани е историска шанса за продолжување на европскиот пат и полноправно членство во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет.
СДСМ е подготвена и во името на врвните државни и национални интереси оди на двојна победа на претседателските и на парламентарните избори наредната 2024 година.
Заедно ќе ја формираме следната проевропска Влада и заедно ќе ја внесеме земјата во ЕУ.