15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

24инфо: Имало ли навистина обид за киднапирање деца во Карбинци или градоначалникот Паунов се обиде да „киднапира“ некој политички поен во чувствителен период?

Додека се уште е силен шокот во јавноста по убиството на малата Вања Ѓорчевска, се појави информација дека во основното училиште „Страшо Пинџур“ се случил обид за киднапирање на две деца кои таму учат.

За настанот прво се изјасни директорката на училиштето, Наталија Костова која телефонски за локалните медиуми изјави дека имало обид за грабнување на две деца, едно од македонска а друго од турска национална припадност.

Костова не умееше да објасни како точно изгледал обидот за грабнување, ниту кој го спречил, туку кратко кажа дека „едното дете се вратило назад, по што автомобилот заминал“.

По настапот на директорката, јавно за телевизија, прво телефонски а потоа и во видео изјава се огласи и градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.

Ниту Паунов не даде конкретни информации за тоа како се случил обидот за грабнување, додаде дека само обидот траел кратко „само неколку минути“ ниту кажа кој го пријавил случајот, а немаше ниту информации за тоа како е спречен обидот за грабнување.

Но, водејќи се од политичката функција, градоначалникот на Карбинци, Паунов во своите одговори на прашањата упати низа политички пораки, изразувајќи загриженост за севкупната безбедносна состојба во државата.

„Тоа што нам нè загрижува е што безбедноста навистина е доведена до знак прашање, колку сме ние безбедни, колку нашите деца се безбедни во училиштата и која безбедност можеме да ја имаме како граѓани на јавните места кај што се движиме. Министерството за внатрешни работи треба да се замисли какви се активностите нивни, која е нивната задача во однос на безбедноста на граѓаните и на учениците. Вакви настани веќе се навикнавме да биде пракса, да се случуваат секаде и во секое време“ рече градоначалникот Паунов.

На ваквите негови тврдења остро реагираше Министерството за внатрешни работи, од каде истакнаа дека од конкретното училиште денеска имало само една пријава, додавајќи да не се шират шпекулации, а граѓаните да не наседнуваат на шпекулациите.

„МВР најостро ги демантира шпекулациите кои денеска се проширија по одредени портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен обид за грабнување на малолетно лице во училишен двор во општина Карбинци.

Според официјалната пријава до полицијата: Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф” дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот. Пласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации. Исто така, им благодариме на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции“ стои во демантот објавен од МВР.

Трагедијата со свирепото убиство на Вања Ѓорчевска, но и на Панче Жежовски ја вознемири јавноста, а граѓаните остро реагираат на секој обид за политизација на ова досега незапамтено злосторство.

Извор: 24info.mk