26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски за изјавата на О’Брајан: Слушнавме за кого не треба да се гласа

„Кој лаже и кому не може да му се верува слушнавме најубаво вчера од помошникот државен секретар на Америка и од кого ни кола не треба да се купи и за кого не треба ни да се гласа“ рече премиерот Димитар Ковачвски во Собранието на седницата за пратенички прашања.

Одговорот на премиерот се однесуваше на изјавата на помошник-државниот секретар на САД, Џејмс О’Брајан за „360 степени“, кој рече дека граѓаните се паметни да знаат да проценат некој кој се обидува да ги изммами со подобри понуди кои не постојат.

„Се движите кон изборен период. Знаеме дека се е тешко во таков период. Нема да коментирам дали работите ќе се случат сега или подоцна, но јасно е дека има понуда на маса. Некој може да каже дека ќе дојде со подобра понуда. Но, ако не ви каже за што точно станува збор и не ви каже зошто другите би ја прифатиле, само се обидува да ве измами. И се надевам дека гласачите се попаметни од тоа“ рече О’Брајан.

Тој додаде дека земјава има понуда на маса, а ако некој вели дека има подобра понуда, но нема да ја кажува сега, тогаш тоа не е личност од која би купиле автомобил.

„Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“ рече О’Брајан.

Помошникот-државен секретар на САД рече дека тие силно ги поддржуваат европските интеграции на земјава бидејќи мнозинството од граѓани тоа го посакува.

„Некои политички структури мислат поинаку, некои можеби добиваат пари од некои места, некои имаат легитимни аспирации на малцинското гледиште. Но, мислам дека мнозинството сака да е дел од Европа и ние го поддржуваме тоа“ рече О’Брајан.