8. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Од денеска повторно дневна евтина тарифа на струјата, заштеда од 1.000 денари по семејство

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната седница за пратенички прашања во Собранието рече дека грижата за граѓаните е преку дела, што го покажува и денешното враќање на евтината тарифа на струјата за просечна потрошувачка на електрична енергија во блок 1 и 2, веднаш штом се создадоа услови за тоа.

„Од денеска почнува повторно дневната евтина тарифа на електричната енергија. Граѓаните ја добиваат можноста за евтина струја од 13 до 15 часот. Со тоа се обезбедуваат заштеди од над 1.000 денара месечно за секое семејство.

Гледате дека инвестициите во обновливи извори на енергија, кои се правеа во текот на изминатите две години во мандатот додека јас сум претседател на Владата, овозможи сите граѓани да имаат бенефит. Инсталирањето 600 мегавати обновливи извори на енергија овозможи од 13 до 15 часот да имаме евтина тарифа за граѓаните и да може да заштедат над 1.000 денари месечно. Е, така една одговорна Влада, со јасна стратегија, се грижи за стандардот на граѓаните.

Ова е важно бидејќи беше едно од клучните ветувања на граѓаните, што го спроведовме. Беше прекинато на одреден период поради светската енергетска криза кога воведовме низа и дополнително други мерки со кои ги субвенциониравме сметките за струја и уште ја субвенционираме во износ до 90 %“, рече Ковачевски.

Од денеска, како што појасни, вратена е евтината тарифа на струјата, што е резултат на инсталирањето фотоволтаици, кои овозможија да се ослободат евтини часови за струја за домаќинствата од 2 часа во текот на секој ден.

„Тоа е факт што треба сите да го знаат и факт против кој никогаш нема да може да дојде никаков демант. Јас сум среќен за она што го направивме во текот на изминатите две години и среќен сум што граѓаните ќе имаат пониски сметки за електрична енергија“, рече премиерот Ковачевски.