Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчавска денеска се сретна со Претседателот на младински совет на Македонија, Филип Ивковски и програмската менаџерка, Александра Филипова . На средбата беше претставена Стратегија за ментално здравје кај млади изработена од страна на НМСМ.
За време на средбата претставниците на НМСМ ги претставија нивните намери и уверувања за важноста на менталното здравје кај младите особено по КОВИД кризата со која се соочуваше светот во изминатите години. Од страна на претставниците беше посочено дека стратегијата веќе била на расправа во Собранието на Република Северна Македонија со Клубот на Млади Пратеници.
Стратегијата се фокусира на проактивни мерки за спречување проблеми со менталното здравје кај младите и стратегии за рана интервенција за идентификување и решавање на проблемите во рана фаза. Истата ја нагласува потребата да се подигне свеста за менталното здравје на младите, да се намали стигмата и да се промовира писменоста за менталното здравје кај младите, родителите, образовниот кадар и пошироката заедница.
Министерката Тренчевска на средбата истакна дека оваа средба соодветствува со моменталните заложби и интереси на Министерството за труд и социјална политика. Таа истакна дека менталното здравје е фокус на работата на министерството и дека тоа се потврдува со кампањата „Walk and Talk“ која се спроведува во која младите активно се вклучуваат во разбивање на стигмата за менталното здравје. Таа ја искажа нејзината поддршка за усвојување на ваква стратегија затоа што тоа ќе доведе до исполнување на заедничката цел – благосостојба на младите.