25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Грковска: Политиките за дигитализација и сајбер безбедност треба да се засноваат на докази и на индикатори за ефикасност и напредок

Во рамки на денешните активности на Глобалната конференција за градење сајбер капацитети, што се одржува во Акра, Гана, вицепремиерката Грковска учествуваше на панел дискусија посветена на планирањето и евалуацијата при градењето сајбер капацитети, во организација на Центарот за глобални капацитети за сајбер безбедност, во рамките на Универзитетот Оксфорд.

Презентирајќи го Националниот Концепт за дигитална трансформација, Грковска истакна дека неговата цел е да ја трансформира Северна Македонија во технолошки напредно и инклузивно општество. Во подготовката и спроведувањето на политиките кои произлегуваат од концептот, клучно е планирањето врз основа на докази, но и мерењето на ефикасноста и напредокот.

„Во основа, клучни се неколку аспекти, а тоа се креирање на политики врз основа на податоци и докази, поставување на стандарди во сајбер просторот кои се клучни за сајбер безбедноста, да се учи од грешките на глобално ниво, како и соодветно да се комуницираат прашањата за дигитализација, сајбер безбедност и сајбер отпорност, со цел да се изгради доверба кај граѓаните во системот“, нагласи вицепремиерката Грковска.

„Сајбер безбедноста е основата на која градиме доверба во нашите дигитални системи и ја штитиме благосостојбата на нашите граѓани, како и нивната приватност. Сајбер-безбедноста е тивкиот чувар на нашите системи, нашите податоци и нашата приватност“, истакна Грковска и додаде дека на сајбер безбедноста треба да гледаме како на инвестиција, а не како на трошок.

Како заклучок на оваа панел дискусија, вицепремиерката Грковска истакна дека е важно добро да се комуницира градењето сајбер капацитети во едно општество и да се гради наратив кој инспирира акција и обезбедува сигурен и отпорен дигитален пејзаж за идните генерации.