20.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+КУЛТУРА

Костадиновска-Стојчевска: Измените на Законот за игри на среќа се влог во стручен кадар во културата

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во денешното гостување во „Слободен печат“ повика да се изгласаат час поскоро блокираните закони во Собранието, Законот за употребата на македонски јазик и измените на Законот за игри на среќа, за кои како што рече се од јавен и национален интерес.

„Имаме одреден застој, дали поради носење на некои други законски решенија или нешто друго, но се надевам дека за многу брзо време претседателот на Собранието ќе ја закаже Комисијата за култура кадешто ќе преминеме на второ читање на законот“, додаде министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

Таа посочи дека сe позитивни измените на Законот за игри на среќа, со кои се предвидува стипендирање на дефицитарните кадри во културата, што според Костадиновска-Стојчевска е добра основа за надополнување на стручниот кадар за заштита на културното наследство.

„Кога ги планиравме измените на законот, се водевме од два сегмента, стручноста на човечкиот кадар и фонд со кој ќе можат непречено да работат. Само така повторно ќе ја вратиме атрактивноста на овие професии бидејќи тие се повеќе од професии – тие се главните чувари на идентитетот, историјата,уметноста, обичаите на еден народ“, рече Костадиновска-Стојчевска, укажувајќи дека е алармантно што во матичната институција за зачувување на идентитетот, Музејот на Северна Македонија се преостанати уште само двајца конзерватори.

Министерката напомена дека во последниве 15 години воопшто не се вршело вработување на стручен кадар, особено во заштитата на културното наследство.
„Сето ова беше дополнителен мотив да побараме основање на дополнителен фонд за заштита на културно наследство. Изобилуваме со културно наследство, кое треба да се одржува и треба да осмислиме начин како тој процес да го направиме поодржлив отколку што е сега“, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Костадиновска-Стојчевска објасни дека ова ќе биде уредено со соработка меѓу Министерството за култура, Министерството за образование и културните установи кои ќе го договорот бројот на студенти кои ќе се стипендираат од фондот од игрите на среќа во дефицитарните струки кои се осум на број, со што студентите од овие студиски програми точно ќе знаат каде ќе го продолжат својот професионален ангажман по завршување на студиите.

На прашањето што се случува со Универзална сала и дали има некаков напредок во преговорите со Град Скопје, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека Универзална сала сѐ уште е под владение на Град Скопје, затоа што Одлуката на Советот на Град Скопје што беше донесена пред повеќе од два месеци, со која Градот го пренесува правото да се даде Универзална сала на Министерство за култура, се до нејзината реконструкција, не е во сила.

Апелирајќи да не се одолговлекува постапката и да се води без политички калкулации и без какви било препреки кои би го продолжиле застојот во реконструкцијата на Универзална сала, потенцираше дека треба да се реши веднаш бидејќи е крај на година и дека се влегува во предизборен прериод.

„Не заборавајте дека таа веќе подолго време е отворена и започнати се некои физички процеси кои дополнително влијаат врз нејзината состојба. Јас се надевам дека Град Скопје ќе го прифати она што го понудивме, дека сакаме да биде испочитувана Одлуката днесена на Совет, а не варијантите коишто беа понудени со воведување на трета страна“, заклучи министерката за култура Костадиновска-Стојчевска на гостувањето во „Слободен печат“.

Спонзорирано: