25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Одобрени дополнителни 100 милиони денари за лекот „трикафта“, извести Министерството за здравство

Министерството за здравство информира дека се одобрени дополнителни 100 милиони денари за обезбедување на лекот „кафтрио“ во комбинација со „калидеко“ на дополнителни пациенти со цистична фиброза.

Универзитетската клиника за детски болести доби согласност од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Бирото за јавни набавки да спроведе итна постапка со директни преговори со овластениот дистрибутер на „Вертекс“.

Од Детската клиника, која треба да го набави лекот, потенцираат дека на 21 ноември е потпишан договорот помеѓу директорите на клиниката и „Алкалоид конс“, а целата количина на лекот се очекува да биде испорачана во првата половина на декември оваа година.

„Со 102 терапевтски режима ќе бидат покриени досегашните 12 пациенти, кои веќе го примаат лекот, за уште два месеца (до април 2024), но лек ќе има и за дополнителни пациенти што ги исполнуваат критериумите за ‘кафтрио’ во комбинација со ‘калидеко’“, велат од Клиниката.

Во 2023 година со условен буџет на Клиниката за детски болести се обезбеди и се почна терапија кај 12 пациенти со цистична фиброза. Осум од овие пациенти што ја почнаа терапијата се следат во оваа јавноздравствена установа, а другите четири што ја почнаа терапијата се следат на Клиниката за пулмоалергологија.