25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Верувам во способностите на младите, архитектите на нашата иднина

„Зајакнувањето во својата вистинска смисла е препознавање на сопствените способности и нивно користење за да се даде позитивно влијание не само на вашите сопствени животи туку и на светот околу вас. Станува збор за разбирање дека вашиот глас е важен, вашите идеи се вредни и вашите постапки имаат потенцијал да го обликуваат текот на историјата“, ова го порача Тренчевска на трибината на тема „Студентите и студентскиот стандард“ по повод одбележување на 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите.

Министерката во своето обраќање ги охрабруваше младите на поголемо општествено учество и го искажа своето уверување дека младите поседуваат огромен потенцијал, воедно ги нарече архитекти на иднината на државата. Таа во своето обраќање се осврна на Законот за практикантството и посочи дека секој млад човек треба да ги искористи можностите што се одредуваат во согласност со овој закон.

„Само изминатата година има вклучено 621 практикант, а во двете години пред неа вкупно има вклучено 834 лица до 34 години. Верувам дека можностите се во стекнувањето повеќе вештини. Затоа ги охрабрувам младите, покрај завршување на високото образование, практично да се стекнат со вештини. Тука не се заборавени и младите што продолжуваат и во производствената дејност, младинскиот додаток е нешто што го спроведуваме, а особено се гордеам со тоа. Во изминатите три години имаме вклучено 14.439 млади, кои добиваат 3.000 денари плус на своите сметки“, рече Тренчевска.

На крајот министерката ги поздрави младите и им го честита Меѓународниот ден на студентите. Воедно, ги предизвика да ги искористат можностите пред себе и повика да бидат промената што сакаат да ја видат во светот.