25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Искуството на Шпанија и Португалија покажува дека членството во ЕУ е единствениот начин да се спречи заминувањето на младите

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на форумот во Приштина, „Улпијана“, на панелот со наслов „Миграција преку ангажман на дијаспората: нова димензија за дипломатска и развојна соработка“.

На почетокот на своето излагање Османи нагласи дека единствен начин да се спречи заминувањето на младите е преку намалување на расколот во економските и социјалните услови во Северна Македонија во споредба со западните земји, што може да се обезбеди преку членството во ЕУ посочувајќи на фактот дека земји како Шпанија и Португалија пред членството во ЕУ имале значително поголем одлив на работна сила и млади.

„Трендот во овие две земји е променет со членството во Унијата“, истакна министерот.

Османи се осврна и на проектите на МНР во интерес на дијаспората. Го издвои проектот „МКарта“, кој во суштина „создава вредна мрежа на поединци кои се најдобри во своите професии и кои со тоа оставиле трага во новото опкружување во кое успешно се интегрирани и служат како дополнителен мост на соработка помеѓу дијаспората и Северна Македонија“. Идејата на проектот е тие, во согласност со своето знаење и вештини, да бидат вклучени во тековните проекти на Владата и државните институции.

Искуството на Северна Македонија покажува дека за квалитетна систематска работа со дијаспората потребни се закон за дијаспора, институционална поддршка (во форма на министер или министерство) и нејзино мапирање.

Османи информира дека Северна Македонија на последниот попис првпат овозможила попис на дијаспората, но податоците за нејзиното лоцирање не може да се користат за креирање долгорочни политики. За тоа е потребно детаљно мапирање за што во моментот тече еден проект во соработка со Меѓународната организација за миграции, со вклучување тројца млади експерти на нашата дијаспората од Италија.