13.8 C
Скопје
19. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Обезбедени бесплатни сензори за мерење шеќер во крвта кај децата, Меџити ја посети Детската клиника

Министерот за здравство Фатмир Меџити, денеска, ја посети УК за детски болести по повод доделувањето бесплатни сензори за мерење гликемија во крвта кај најмладите пациенти. Набавени се сензори за 650 пациенти, наменети за деца и млади до 18 години со дијабетес тип 1, бремени жени со дијабетес тип 1, слепи лица, а преостанатите сензори ќе ѝ бидат доделени на Универзитетската клиника за ендокринологија.

„Драго ми е што, конечно, се набавени сензори за безболно мерење гликемија. Наместо вообичаени боцкања, процедура која е болна, создава и трауми кај децата, сега гликемијата ќе им се мери со помош на сензорите, следејќи ја најновата технологија. Со ова значајно го зголемуваме квалитетот на животот на децата. Како и во другите земји во светот, наша обврска како Министерство за здравство е да обезбедиме што подобра грижа за малите пациенти, кои треба да пораснат во здрави личности“, истакна Меџити.

Инаку, употребата на сензорите има повеќекратни придобивки. Пред сѐ, овозможува постигнување и одржување на гликемијата во секое време, превенирање компликации од дијабетесот, оптимизирање на способноста за учење кај младите луѓе со дијабетес, а исто така се овозможува родителите да ја мерат ноќната гликемија на децата, без да мора да ги разбудат. Воедно, системите алармираат и превенираат акутни сосотојби кај дијабетесот, како хипогликемија и хипергликемија. Сензорите се едноставни за употреба, се поставуваат на надлактницата и гликемијата се мери со електронски уред или со мобилен телефон.

„Како министер за здравство, и во следниот период ќе се залагам најсовремените начини за третман на дијабетес да бидат достапни за нашите пациенти бидејќи, кога станува збор за пациент со дијабетес, треба да имаме предвид дека станува збор за начин на живеење“, посочи министерот.