4. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска од Париз: Мојата земја го има благословот Охридски Регион, препознаен и високо вреднуван од УНЕСКО

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на 42. Генерална конференција на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, која од 7 до 22 ноември се одржува во Париз.

На дебатата за генералните политики на Организацијата, Костадиновска-Стојчевска го изрази своето убедување дека оваа конференција, која се одржува во пресрет на 78-та година од раѓањето на УНЕСКО, чија мисија е и градење култура на мир и меѓукултурен дијалог, е вистинското место и време за разговор.

„Мојата земја го има благословот наречен Охридски Регион, кој пред 44 години УНЕСКО го впиша на престижната листа како едно од триесет и шесте светски културни и природни добра со универзална вредност“, рече Костадиновска-Стојчевска, потенцирајќи ја континуираната и одлична соработка со Центарот за светско наследство и со советодавните тела во заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

„Комитетот за светско наследство ги препозна и ги уважи нашите напори, како и заедничките напори со Република Албанија, за зачувување на охридската убавина. Македонските и албанските експертски тимови заедно изготвија Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план. Овој наш потфат беше високо вреднуван од Комитетот и протолкуван како потврда за нашите искрени намери за зачувување на статусот и подготвеност за работа дома и за интензивна соработка со УНЕСКО“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа потсети дека иако многумина улогата на УНЕСКО ја поврзуваат само со престижниот статус на Охридскиот Регион, на Тентативната листа на УНЕСКО е впишана и монументалната црква од 12 век „Свети Ѓорги“ од Курбиново, и додаде дека реставрацијата и конзервацијата на овој посебен бисер со монументална вредност се при крај.

Зборувајќи за актуелните случувања во светот, Костадиновска-Стојчевска рече:

„Како никогаш досега, потребно ни е единство на добрите луѓе и гласност на разумните.

И тука ја препознавам силата и големината на мисијата на УНЕСКО. Овој трезор на најубавото создадено од природата и од човекот, има авторитет, има право и должност да нѐ мобилизира под закрила на својата благородна мисија“.

Во своето обраќање Костадиновска-Стојчевска рече дека по заразата од пандемиски размери, денеска светот во третата декада на 21 век се соочува и со две војни, климатски промени, лажни вести, дигитална трансформација на општеството, развој на вештачката интелигенција.
Во тој контекст, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска рече дека сега е вистинското време за вистински разговор, „зашто на светот како никогаш досега му е неопходно генерално преиспитување (re)Thinking“.

Костадиновска-Стојчевска ги истакна важноста и континуитетот што нашата држава ги има преку соработката со Светската организација како членка која веќе 30 години активно придонесува во спроведувањето на мултилатерналните културни политики во светот.

Видеообраќањето на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на 42. Генерална конференција на УНЕСКО може да го проследите на следниов линк: https://www.youtube.com/watch?v=d9Ak3O9-v2Q