22.8 C
Скопје
21. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски во УНЕСКО: Северна Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на официјалната посета на УНЕСКО, се обрати на маргините на 42-та Генерална конференција на Организацијата, што се одржува во седиштето на УНЕСКО во Париз.

„Сакам да му се заблагодарам на УНЕСКО за поддршката на многубројни проекти, активности и ресурси важни за нашето мултикултурно општество, за нашето природно и културно наследство, за македонскиот јазик и за другите јазици кои што се зборуваат во Северна Македонија. Затоа што мојата земја е „срцето на балканскиот јазичен контакт. Би сакал да истакнам дека нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979-та и 1980-та година, кога нашиот бисер, Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО. И, денес со гордост го вбројуваме меѓу едно од вкупно 39-те културни и природни наследства во светот.

Наш императив, вели тој, е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО.

„Заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро. Од нашата натамошна засилена соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Темелите за неутрализирање на утврдените и потенцијалните закани се поставени, но потребите за заштита на ова добро бараат голема мобилизација за истото да ја зачува својата исклучителна универзална вредност, како и имплементација на итни мерки кои ќе ги зближат сите засегнати страни и ќе се преземат веднаш. Од оваа говорница, повикувам на сплотеност и одговорност во делувањето на секоја власт“, вели Ковачевски.

Според него, демократскиот систем на вредности е под сериозна закана.

„Ниту една држава, колку и да е моќна и силна, не може сама да се справи со глобалните предизвици на денешнината. Светот е поделен по разни основи. И затоа, демократиите мора да ја зајакнат својата сплотеност и отпорност, независно од географските, демографските, политичките, економските или културолошките разлики меѓу државите. Во интерес на мирот и стабилноста, неопходно е да се најде најмал заеднички именител. Тоа е единствено можно преку инструментите на ефективниот мултилатеризам“, вели Ковачевски.

Принципите на кои Северна Македонија ја води својата надворешна политика, според Ковачевски се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување на мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различностите во демократските процеси, заштита и унапредување на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи. Културата на дијалог и компромиси, иако базирана на превенција на спорови, оди рака под рака со нашата приврзаност кон активниот и ефективен мултилатерализам.