Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на покана на германската министерка за надворешни работи,, Аналена Бербок, денес учествуваше на министерската конференција „Проширена, посилна Унија“ во Берлин, организирана од Сојузното министерство за надворешни работи.
„Северна Македонија е лакмус-тестот за кредибилитетот на Европската Унија. Од ставовите на Јункер до оние на Фон дер Лајен пред неколку дена, можам емпириски да посведочам дека Европа денес е соочена со геополитичко будење, кое треба да обезбеди геостратешка инвестиција во безбедноста на ЕУ“, истакна Османи.
Во своето обраќање министерот се осврна на концептот „Повеќе интеграција пред членство во ЕУ“ како еден од модалитетите како ефективно да фатиме чекор со економиите на земјите членки на ЕУ и да го премостиме јазот што моментно се зголемува наместо да се стеснува. Воедно, го поздрави уште еднаш планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, претставен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој се дополнува со овој концепт.
Што се однесува до дебатата за потребата од внатрешни реформи со цел земјите да бидат подготвени за прием како нови членки во догледна иднина, Османи рече дека тие треба да се третираат како комплементарни со проширувањето, а не како едната да ја исклучува другата или да биде предуслов.
„По 20 години од солунската агенда, потребно е да се смени сегашниот бинарен пристап на сè или ништо, каде што една земја сè додека не е членка на Унијата не е вклучена во политиките или институциите на ЕУ или нема пристап до фондовите на ЕУ. Наместо тоа, секој кандидат, преку успешно спроведување на реформите и усогласувањето на своите политики со оние на ЕУ, треба да напредува со сопствено темпо преку постепена интеграција“, истакна Османи.
Министерот се обрати на првиот дел од конференцијата заедно со министрите за надворешни работи на Германија – Аналена Бербок, на Словенија – Тања Фајон и на Украина – Дмитро Кулеба.
Министерската конференција, чија цел е размена на мислења во однос на подготвеноста на Унијата за проширување и на идните земји членки за членство во ЕУ, се одржа непосредно пред Европската комисија да го објави својот пакет за проширување заедно со извештаите за земјите, кои ќе дадат препораки за конкретни чекори за кои ќе одлучува Европскиот совет во декември.
На маргините на конференцијата Османи ќе оствари и билатерални средби со свои колеги од земјите членки на ЕУ и од регионот.