Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Меџити: Одличен одѕив за вакцинација против сезонскиот грип, за една недела имунизирани над 10.000 граѓани

Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, денеска, го посети вакциналниот пункт во Поликлиниката „Бит-пазар“ со цел лично да се запознае како тече процесот на вакцинација против сезонскиот грип.

Меџити изрази задоволство од досегашниот одѕив на граѓаните потенцирајќи дека тоа покажува оти тие се одговорни за своето здравје и информирани дека вакцинацијата против сезонскиот грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки компликации, особено кај ризичните групи.

„Само за една недела во вакциналниот пункт во Поликлиниката ‘Бит-пазар’ вакцина против сезонскиот грип примиле 824 лица, а термин за вакцинација закажале 3.957 граѓани. Податоците на ниво на целата земја го потврдуваат високиот интерес на граѓаните за оваа вакцина, досега се евидентирани 51.649 пријавени и над 10.000 имунизирани граѓани“, информира Меџити.

Министерот Меџити посочи дека сезонските вакцини се безбедни и ефикасни и играат значајна улога во намалувањето на ширењето на заразните болести потенцирајќи дека одлуката за имунизација значи посветена грижа за сопственото здравје, но и за благосостојбата на целото наше општество.

„Од витално значење е да се подигне свесноста за придобивките од вакцинацијата и сите заедно да бидеме посветени на нашите заложби да се заштитиме себеси и тие околу нас. Важно е нашата заедница да биде добро информирана и да ги охрабриме сите граѓани, а особено оние што припаѓаат на ранливите групи да ја искористат можноста за имунизација, која може да значи и спас на животи“, истакна Меџити.

Министерството за здравство, годинава, обезбеди 60 илјади вакцини наменети за имунизација на ризичните категории граѓани и здравствените работници, кои се бесплатни, а центрите за јавно здравје обезбедуваат вакцини и за комерцијална употреба.

Граѓаните за вакцинација може да се пријават преку веб-страницата: vakcinacija.mk и ќе добијат СМС-порака со информација каде може да дојдат и да се вакцинираат против сезонскиот грип.

Можеби ќе ве интересира

Обвинителството оформи предмет по допрен глас за наводите за транспорт на мозоци од починати лица во САД

ДЕСК

СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта

ДЕСК

Во месец јануари 15.943 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода 74 лица за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик

ДЕСК