Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска престојуваше во работна посета на НУ Центар за култура во Дебар каде што в.д. директорката Едона Алили ја запозна со состојбите и активностите на оваа единствена национална институција од областа на културата во градот.
Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека вреднувањето и моќта на културата, како срце на секоја заедница, во Дебар се должи токму на активното и успешно работење на Центарот за култура. Таа потенцираше дека Министерството за култура во рамките на Годишната програма континуирано поддржува проекти што се од интерес за граѓаните на Дебар, како: изложби, концерти, театарски претстави. Во контекст на заштитата на културното наследство, пак, во изминатиот период беше реализиран и проектот за конзерваторско-реставраторски интервенции на покривот и фасадите на тамбурот од куполата на црквата „Св. Георгиј Победоносец“ во село Рајчица.
Алили ја информираше министерката дека Центарот за култура е установа со мултифункционален карактер, која реализира активности од сите дејности од областа на културата. Во институцијата посебно внимание се посветува на обезбедувањето услови за работа на уметниците при создавањето на нивните дела, за поттикнување на културното творештво, за чување, негување, афирмација и презентација на богатото културно наследство.
За време на посетата, министерката Костадиновска-Стојчевска ги разгледа изложените ликовни дела од млади автори како и изложбата на фотографии „Дебар во окото на младите“, ја посети библиотеката која е во состав на установата, а ги поздрави и членовите на Младинскиот дебатен клуб, кои во амфитеатарот дебатираа на еколошки теми. Таа им порача на учесниците средношколци дека просперитетната иднина на едно општество зависи, пред сѐ, од добро едуцирана младина која води отворена дискусија за сите теми што ги засегаат младите и што се од заеднички интерес.
Костадиновска-Стојчевска во Дебар го посети Градскиот музеј во кој може да се видат артефакти и експонати кои говорат за историјата и традицијата на населението од овој крај, како и една од најпознатите куќи во градот-Куќата Еребара, стара над 400 години години. Куќата е изработена од дрво од страна на дебарските мајстори, а розетната на таванот на ова куќа се наоѓа на македонската банкнота од 100 денари.