25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Учество на Елизабета Ѓоргиевска на настанот „Училишта што го унапредуваат здравјето”

Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска денеска во Скопје беше дел од настанот „Кон глобалните стандарди за училишта што го унапредуваат здравјето – Резултати од пилот активностите во четири училишта”, како заедничка активност на Светската здравствена организација, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука.

На настанот на кој беа презентирани клучните наоди од иницијативата, се дискутираше и беше направена сеопфатна анализа на ситуацијата на здравјето и благосостојбата на учениците и имплементација на глобалните стандарди за училиштата кои го промовираат здравјето. Во своето воведно обраќање, проф. д-р Ѓоргиевска нагласи дека самата инцијатива симболизира колективен напор насочен кон создавање на подобра и попросперитетна училишна средина и дека целта е учениците да се обезбедат не само со квалитетно образование, туку и со алатки и знаење за водење на здрав и исполнет живот.

„Училиштата се местото каде што нашите деца и млади се стекнуваат со знаење и воспитание. Нашата цел и визија е покрај знаењата и вештините предвидени во наставните програми, училиштата да бидат место на кое учениците ќе ја добијат и основата за грижа и унапредување на своето здравје. Впрочем училиштата треба да бидат местото, кое, меѓу другото, ќе обезбеди можности за градење на здрав животен стил на учениците. Со овој пристап го признаваме и препознаваме суштинскиот придонес на училиштата во телесниот, менталниот и емоционалниот развој на нашите ученици.“ – истакна Ѓоргиевска.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на Претседателот.

Почитуван д-р Шаќири, Министер за образование и наука,
Почитувана д-р Јохансен, Специјална претставничка на СЗО,
Почитувани гости,
Драги пријатели,

Имам особено задоволство и чест да бидам дел од денешниот настан на кој ќе бидат презентирани резултатите и постигнувањата направени при имплементацијата на иницијативата „Училишта што го унапредуваат здрвјето“. Дозволете најпрво да изразам голема благодарност кон сите вас кои бевте вклучени во спроведувањето на оваа иницијатива. Вашата посветеност кон здравјето и развојот на нашите млади е за пофалба, а резултатите од иницијативата за која што сме денес собрани се потврда за посветеноста на нашите наставници, родители и самите ученици.

Самата инцијатива симболизира колективен напор насочен кон создавање на подобра и попросперитетна училишна средина. Целта е учениците да се обезбедат не само со квалитетно образование, туку и со алатки и знаење за водење на здрав и исполнет живот.

Училиштата се местото каде што нашите деца и млади се стекнуваат со знаење и воспитание. Нашата цел и визија е покрај знаењата и вештините предвидени во наставните програми, училиштата да бидат место на кое учениците ќе ја добијат и основата за грижа и унапредување на своето здравје. Впрочем училиштата треба да бидат местото, кое, меѓу другото, ќе обезбеди можности за градење на здрав животен стил на учениците. Со овој пристап го признаваме и препознаваме суштинскиот придонес на училиштата во телесниот, менталниот и емоционалниот развој на нашите ученици.

Почитувани,

Додека ги презентираме постигнувањата на оваа иницијатива, насочени сме и кон иднината и чекорите што следат. Успехот и научените лекции во оваа фаза ќе бидат патоказ за создавање на училишта коишто суштински придонесуваат во унапредувањето на здравјето како врвен приоритет на нашето општество. Заедно можеме да придонесеме секое училиште да стане место каде нашите млади можат да растат, да учат и да напредуваат во безбедна средина. Се радувам да ги проследам вашите впечатоци и размислувања кои ќе ги формираат идните чекори во овој сериозен процес.

Дозволете на крајот уште еднаш да се заблагодарам на сите инволвирани за мотивираноста и посветеноста кон создавањето на подобра училишна средина за нашите ученици.

Да продолжиме партнерски да работиме заедно за добробитта на нашите млади и воопшто на целата нација.

Ви благодарам.